Алексеј Огринчук

Алексеј Огринчук е еден од најистакнатите обоисти на денешницата- дипломира на школата за музика „Гнесина“ и Парискиот конзерваториум, учејќи со Морис Бурж, Жак Тис и Жан-Луј Капацали, каде созрева како уметник кој комбинира неверојатна техника со виртуозност и лирицизам. Роден во Москва, Алексеј уште на тринаесет годишна возраст настапува низ цела Русија, Европа и Јапонија, победувајќи на бројни натпревари, меѓу кои и ЦИЕМ натпреварот во Женева на само 19 години. Тој е дел од престижната програма „Млади ѕвезди“ и програмата на нова генерација уметници на Би Би Си. Од август 2005 година, Алексеј е прв обоист на Кралскиот Концертгебау оркестар во Амстердам раководен од Марис Јансонс, позиција која ја стекнал по неговата работа како прв обоист во Ротердамската филхармонија под раководство на Валери Гергиев. Харизматичен и технички брилијантен солист, тој соработува со диригенти како Марис Јансонс, Генади Рождественски, Сеиџи Озава, Фабио Луизи, Кент Нагано, Сер Ендрју Дејвис, Даниел Хардинг, Јиржи Белохлавек, Андрис Нелсонс и со некои од најзначајните оркестри, вклучувајќи ги: Кралскиот Концертгебау оркестар, оркестрите на театрите Бољшој и Марински, Оркестарот на Националната академија Санта Чечилиа, оркестрите на Би Би Си, Кралскиот филхармониски оркестар, Рускиот национален оркестар и многу други. Баран како рецитален и камерен уметник кој настапува во: театарот „Шатле“, аудиториумот на Лувр во Париз, Концертгебау во Амстердам, Ројал Алберт Хол, Вигмор Хол, Карнеги Хол, аудиториумот на Тел Авив, Сантори Хол во Токио итн. Тој е често гостин на фестивалите: Би Би Си Промс, МИДЕМ, Вербие, Луцерн, Санта Чечилиа, Единбург, како и „Бели Ноќи“, „Крешендо“, „Декемвриски ноќи“ и Велигденскиот фестивал во Русија. Партнери за камерна музика на Алексеј Огринчук се Гидон Кремер, Раду Лупу, Томас Квастхоф, Миша Мајски, Владимир Спиваков, Јури Башмет, Жан-Ив Тибо, Сара Чанг, Табеа Цимерман, Николај Знајдер, Валери Афанасиев, Џулијан Рахлин, Лиф Ове Андснес, Фабио Бионди, Дмитри Ситковецки, како и гудачките квартети „Белчеа“, „Ебене“, „Сине Номине“ и „Токио“. Алексеј Огринчук предава на Кралската академија за музика во Лондон, и со голем успех одржува бројни мајсторски курсеви во Европа и светот.

Skip to content