Александар Димчевски

Виолинистот Александар Димчевски се етаблира како сестран уметник, настапувајќи како солист, камерен музичар, како концертмајстор, но и како педагог. Роден е во Франција, во руско-македонско семејство, а виолина почнал да учи со неговиот татко, реномираниот уметник Благоја Димчевски, поранешен ученик на Јуриј Јанкелевич, продолжувајќи го традиционалното руско училиште за свирење на виолина. Дипломирал во Франција, а потоа студиите ги продолжил во Келн, Германија, каде магистрирал под менторство на Микаил Вејмен и Барнабас Келемен, а во меѓувреме остварувал средби и добивал совети од имиња како Виктор Третјаков, Ирина Медведева, Борис Кушнир, Рафаел Олег... Александар Димчевски е добитник на неколку стипендии, меѓу нив и на АИДА која им помага на уметниците со исклучителен талент. За време на студиите, почнал да остварува успешна кариера како камерен музичар, посветувајќи се на неговиот гудачки квартет со кој ја освои првата награда на Меѓународниот камерен натпревар во Келн во 2013 година. Димчевски негува посебна страст кон камерната музика и на тоа поле активен е на сцените во Франција, Германија, Унгарија, Шпанија, Јапонија, Македонија, Данска, Чешка, Холандија, Австрија, Швајцарија, Индонезија, со разни партнери и пријатели како што се Барнабас Келемен, Вилде Франг, Максим Рисанов, Федор Рудин, Роман Ким, Јури Жислин, Алина Погостина, Каталин и Дора Кокас... Од 2016 година, Димчевски е концертмајстор во Унгарската државна опера, а од 2018 година го води и Камерниот оркестар „Hohenems Arpeggione“. Гостин концертмајстор е и во оркестри во Франција, Германија и Данска, каде што, како и во Унгарија, постојано држи мастер часови. Александар Димчевски во моментов свири на виолина од 1754 гдина, изработена од Карло Фердинандо Ландолфи.

Skip to content