Џеси Милинер
„Откажи се од твоето чувство за контрола. Признај си дека не можеш да предвидиш што ќе се случи следно. Потоа, процесот може да се развива во својата виталност. Во компонирањето, во изведбата, како и во интеракцијата со публиката. И потоа навистина ќе почувствуваш дека музиката е таа која што се придвижува напред!“ Џеси Милинер (роден во Келн, 1973) музичкиот талент го пројавил уште како дете. Но, секогаш кога се обидувал да свири класични концерти на пијано, бил сосема деконцентриран. Иако ја сакал музиката, целосно препишаната форма за него не била соодветна. Притисокот да изведува нешто што не сака, го блокирал неговиот креативен процес, па Милинер спасот го нашол така што почнал да купува џез-албуми. Неговиот професор по пијано прв ја препознал страста на Милинер за импровизирана музика и го охрабрил да се посвети на оваа музичка форма, а со тоа и на слободата што му е дозволена. Милинер продолжил да учи џез-пијано, филмска композиција и џез-композиција во Њујорк, Мајами, Келн, Есен и Лудвигсбург. Дипломирал џез-композиција на Школата за музика во Менхетен, и на Универзитетот во Мајами. Уште тогаш се соочил со предизвиците да работи со имиња како џез-саксофонистите Боб Минцер, Дејвид Либман, Џо Ловано, Ричард Денис Оитс, со WDR Биг-Бендот од Келн и со Филхармонијата на Нирнберг. Денес, Џеси Милинер наоѓа извонредна слобода во импровизацијата, открива решенија кои се соединуваат во моментот. Верува во динамичниот процес кој и дава на музиката моќ и убавина. Соработува со имиња како перкусионистот Трилок Гурту, гитаристите Ли Ритенор и Лари Карлтон, „Греми“ наградуваната вокалистка Чака Кан... Милинер верува во креативниот, жив експеримент кој создава нов израз. Го бара мигот во кој музиката се движи. Затоа, негова најголема цел е да нема цел кога ја свири музиката, за да дозволи таа да се движи спонтано, да се изненади себе си од неа и да создаде вистински интензитет кој е од витално значење за неговата интерпретација. Во истовреме, тој е фасциниран од комплексните звучни структури, но уште повеќе од едноставноста, израз кој е, според него, многу поотворен за толкување. Од 2007 година, Милинер е професор по џез и популарна музика во Школата за музика во Мајнц. Во негова чест, вклучени се реномираната награда за стипендии „Гил Еванс“ и наградата за композиција „WDR“.