Лука Дебарг

„Не се појавил пијанист што предизвикал таква вознемиреност уште од пристигнувањето на Глен Гулд во Москва, во средината на Студената војна, или од победата на Ван Клибурн на натпреварот ’Чајковски‘“, ќе напише „Хуфингтон пост“ за францускиот пијанист Лука Дебарг (1990), едно од најголемите откритија денес во сферата на пијанизмот, лауреат на 15. „Чајковски“ во 2015 година. Иако беше на четвртото место во финалето, тој беше единствениот музичар награден во сите дисциплини од страна на московската музичка критика и опишан како пијанист со „неверојатен талент, уметничка визија и креативна слобода што ги импресионира и критичарите и публиката“. Лука Дебарг е нова сензација во класичната музика. „Тој е фантастично надарен, оригинален е и не е скротен од академизмот“, ќе напише „Франкфуртер алгемајне цајтунг“. „Шпигел“, пак, ќе додаде: „Дебарг ѝ припаѓа на лигата на шампиони меѓу пијано-виртуозите“, а „Ле поинт“ ќе заврши со зборовите: „Моќ, суптилност, контрола, имагинација, вкус: тој има сè“. „Светот на музиката е мојот дом. Музиката е речиси мојот мајчин јазик. Ме храни...“ Со овие зборови почнува документарниот филм за Лука Дебарг, кој во едно интервју признава дека не вежбал онолку колку што треба сè додека не ја запознал неговата професорка, реномираната Рена Шерешевскаја, на 20 години. Таа го поканила да студира (потоа и да магистрира) во нејзината класа на престижната академија „Екол Нормал“ во Париз и по само четири години, како едно од највидните имиња и на „Чајковски“, неговата кариера почнува рапидно да расте. Добива покани да настапува како солист со водечки оркестри во најпрестижните концертни сали во светот, во Москва, Санкт Петербург, Париз, Милано, Лондон, Амстердам, Минхен, Берлин, Њујорк, Чикаго, Торонто, Токио, Мексико, Сеул..., соработувајќи со диригенти како што се Валери Гергиев, Андреј Борејко, Михаил Плетнев, Туган Сокиев, Јутака Садо, но и како камерен музичар со уметници како што се Гидон Кремерил и Мартин Фрост. Лука Дебарг, како што самиот вели, црпи инспирација од литературата, сликарството, филмот, од џез-музиката и мошне внимателно го избира репертоарот во кој се наоѓаат и дела на помалку познати композитори. Зад себе има три изданија за „Сони класикал“, а во 2017 година ја доби врвната германска награда „ЕХО класик“.

Skip to content