Виктор Рафајловски

Виктор Рафајловски е роден во 2003 година во Скопје, Македонија. Од 2009 до 2022 година e ученик во основното и средното Музичко училиште при ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ – Скопјe, во класата на проф. Катерина Ќетковиќ – Фидановска.  Во моментов е студент на четврта година на Музичката академија во Загреб во класата на проф. Катарина Крпан. За време на основното и средното музичко образование, добитник е на околу 30 први награди на државни и меѓународни натпревари, вклучувајќи и прво место на државните натпревари во 2019, 2021 и 2022 година. Меѓу другото, освојува први награди на меѓународниот натпревар ,,Охридски бисери’’ (2020), меѓународниот натпревар ,,Даворин Јенко’’ - Србија (2023), а воедно е и лауреат на меѓународните натпревари ,,Полихимнија’’ (2020) и ,,San Donà di Piave’’ - Италија (2021). Добитник е на наградата „Daniel Stefani“ на меѓународниот натпревар ,,Humberto Quagliata’’ - Италија (2023), а во 2025 година ја освојува првата награда и наградата од Ротари-клубот, како и признанието за лауреат и најдобар натпреварувач на меѓународниот натпревар ,,Фестивал на пијаното’’ во Сремска Митровица - Србија. На истиот натпревар, ја освојува и наградата на Здружението Б2 за најартистичен натпреварувач. Виктор Рафајловски е активен камерен музичар и често настапува како член на пијано триото ,,Ауреа’’ (со Катарина Коцељ-виолина и Ловре Тунуковиќ-виолончело), со кое ја освои првата награда на регионалниот и државниот натпревар ,,HDGPP’’ во 2024 година, како и во дуо со виолончелистот Јанко Франковиќ, со кого ја освои првата награда и титулата лауреат на меѓународниот натпревар ,,Palmanova’’ во Италија во 2025 година. Бележи настапи и како солист со Македонската и Загрепската Филхармонија, на фестивалите ,,Охридско лето’’, ,,Музички Биенале Загреб’’, а оваа година направи трајна снимка на Концертот за пијано и оркестар од композиторот Виго Ковачиќ во придружба на Симфонискиот оркестар на Хрватската радио-телевизија и маестро Паскал Рофе. Остварува соработки со ,,Кантус’’ ансамблот за современа музика од Загреб, како и голем број рецитали низ Македонија и странство, вклучувајќи концерти и настапи одржани во салата на Македонската филхармонија во Скопјe, во големата сала ,,Коларац’’ во Белград, големата сала ,,Ватрослав Лисински’’ и салата ,,Благоје Берса’’ во Загреб, како и во ,,Teatro Metropolitano Astra San Donà di Piave’’ и ,,Teatro del Casinò di Sanremo’’ во Италија.   Своите вештини ги усовршува на семинари со професорите Владимир Крпан, Денис Зарди, Антонио Ди Кристофано, Јанис Потамусис, Александар Сердар, Хајди Елзесер, Калина Мрмевска и Симон Трпчески.        

Skip to content