Александар Гордон
Маестро Александар Гордон зад себе има навистина богата кариера како виолист, но во последниве години тој е и успешен диригент. Всушност, неговиот дебитантски настап како диригент се одржал во Финска, во 2014 година со Симфонискиот оркестар на Лапеенранта, што му донел покани да диригира и со останатите оркестри во Финска. Во 2017 година следувал мошне значаен концерт којшто му донел покани за диригирање ширум светот, со Симфонискиот оркестар на Бугарското национално радио и со влијателниот виолончелист Миша Мајски како солист. Во 2018 година, маестро Гордон диригирал со Камерниот оркестар на Манхајм и OZM Дортмунд во Германија, како и во Оперскиот театар во Риека, Хрватска, со изведби на балетот на Чајковски – „Оревокршачка“. По неговиот дебитантски настап во Кина, пак, во септември 2018 година со Симфонискиот оркестар на Лиаонинг, воспоставил соработка за неколку програми во следните сезони. Александар Гордон е член на програмата „LEAD!“, каде што соработува како ментор по виола и асистент-диригент на врвниот Јука-Пека Сарасте. Во 2020 година тој дебитирал и како оперски диригент со „Алеко“ од Рахмањинов во Украинската национална опера во Киев, што следеле повторни покани за следната сезона. Во април 2021 година, му асистирал на маестро Владимир Јуровски со Лондонската филхармонија, а истата година го имал и својот дебитантски настап како диригент на Лондонската филхармонија на турнеја во Мадрид и Барселона. Во 2015 година, Александар Гордон бил именуван за уметнички директор и диригент на Меѓународниот нов симфониски оркестар (INSO) во Лвив, давајќи му на овој мултинационален германско-руско-украинско-еврејски музичар улога на „Амбасадор на мирот“ во Украина, со цел да донесе мир и единство преку музиката. Инаку, на само 23 години, Александар Гордон бил именуван за главен виолист на Лондонската филхармонија. Во 2012 година, по десет години како лидер на виола-секцијата на ЛПО, тој заминал за да се посвети целосно на својата кариера како солист и диригент.
Назад