„Огнена Енергија“
Автор: Марио Немет
Публиката на најновиот концерт на Македонската филхармонија, кој се одржа на 07.05.2026 година, ја имаше огромната чест на сцената на МФ да го слушне реномираниот виолинист Нинг Фенг (Кина) и оркестарот на МФ под раководство на извонредниот маестро Емил Табаков (Бугарија). Таа комбинација на виртуозноста на Фенг и огнената енергија наТабаков може да се каже дека ја запалија сцената и ги задоволија апетитите на публиката.
Концертот беше отворен со Концерт за виолина и оркестар бр. 1 од С. Прокофјев. Мудро избрано дело за Фенг, кој успеа да извади етерична и магична музика од својот инструмент. Тој направи музиката како поток да тече од жиците на инструментот со една забележлива леснотија и беспрекорност, каде што ја покажа својата врвна техника. Овој концерт на Прокофјев е етерично-лиричен, каде што Фенг целосно ја погоди целта на тоа што го барал композиторот со големо канализирање на енергија, лирика и фантазија, благодарение и на магичната придружба на оркестарот. Под точно и добро водено раководство на оркестарот од маестро Табаков, придружбата стана толку незабележлива и се вклопи во целосната слика во одличен дијалог меѓу солистот и оркестарот, каде што музиката ја однесе публиката во светот на Прокофјев. По овој виолински концерт, публиката неколку пати го врати Фенг со аплаузи, по што тој реши да ја заслади и задоволи публиката со бис. Тој за бис отсвири Andante за соло виолина од Бах, но го отсвири на нестандарден романтичарски начин, со што направи синхронизација со романтичарската енергија на концертот за виолина.
Во продолжение беше проследена масивната и моќна Симфонија бр. 11 од Д. Шостакович, која се нарекува „музика за филм без филм“, а маестро Табаков буквално со својата огнена енергија го долови тој наслов. Работната мајсторија на маестро Табаков е далеку позната и тој тоа го докажа со својата огромна харизма и мајсторство, давајќи слика, живот и боја на ова дело. Со оглед на тематиката на симфонијата, оркестарот добро и дословно ја долови тематиката на делото. Првиот став беше леден, со одлична транспарентна боја, доловен со малку интрига, додека спротивно на тоа, вториот став беше тотален контраст со военоогнена енергија и динамични климакси. Дури сета таа разновидност на слики од звучна боја и хомогеност даваа некоја елеганција на смртната тематика во тој став. Како контраст на вториот став е третиот, кој беше меко, сочувствително со сожаленост изведен, како некоја молитва за тематиката од претходниот став, каде можеше да се забележи добро нијансирање со певлива динамика. Четвртиот став беше енергичен, како некој подем на нешто ново, каде одлично беше изразена бојата на металните дувачки инструменти, кои во најдобро светло се покажаа. За четвртиот став може да се каже дека е најбитниот дел од оваа симфонија бидејќи тематски се поврзува со самиот почеток како еден круг на случувањата. Карактерот и деталите беа од големо внимание за маестрото Табаков, при што се забележаа добри промени на карактер, динамични климакси и таа марширачка воена енергија во последниот став. Може да се констатира дека била донесена правилна одлука кога МФ го поканила маестро Табаков да ја оживее оваа симфонија и прикаже на публиката, која своето задоволство го покажа со голем аплауз за Табаков и оркестарот на МФ. И мора да се напомене и пофали оркестарот на МФ кој за краток временски период успеал да ја подготви оваа монументална симфонија. Но исто така, јас лично морам да го потенцирам подобрувањето на квалитетот на оркестарот на МФ, кој веќе не брчка тонови, туку прави достојна и квалитетна музика, каква што заслужува публиката.
Почесно може и да се спомне и за изборот на програмата МФ, каде има една револуционерна тематика проткаена и низ виолинскиот концерт и симфонијата. Тематиката се базира врз Руската револуција во 1905 година и има интересна конципираност на редоследот на делата. Со прецизна одлука е избран концертот за виолина прв да се изведува, бидејќи тој бил напишан во 1917 година од Прокофјев во полниот ек на Болшевичката револуција. Каде што гледаме како ќе падне царската држава, а со следната изведба на симфонијата по концертот за виолина, ја гледаме таа револуција од 1905 година која била резултат и за Болшевичката револуција. Треба да се спомне и за тематиката на симфонијата од Шостакович, кој преку ова дело го опишува кругот на власта и општеството, каде во првиот став е интригата и незадоволството на народот од власта, во вториот е задушувањето на каков било отпор против власта, во третиот е збогувањето со починатите, а во последниот став е промената на режимот од кој пак народот нема да биде задоволен и тој круг на насилство пак би се повторил.
,,Хармонична ноќ во Македонската Филхармонија“
Автор: Сара Стојковска
Музиката е нешто кое ги поврзува сите луѓе во светот. Хармонијата е насекаде околу нас- во природата, уметноста и таа претставува врв на усогласеноста.
На ден 07.05.2026 година се одржа концертот ,,Хармонија,, во големата сала на Македонската Филхармонија. Штом зачекоривме завладеа возбуда. Салата полека се полнеше и во секој момент се очекуваше да започне концертот. Покрај загревањето на инструменталистите, не изостануваше и загревањето на публиката.
Низ салата професори кои едноставно со посетувањето на овој концерт се вратија во минатото, но и многу нови лица кои допрва треба да се покажат и остават траг на музичката сцена. Одекна глас зад сцената кој нè упати да ги изгаснеме мобилните уреди пред почетокот на концертот. Конечно првата виолина зачекори и започна штимањето на инструментите. Уште пред да влезе солистот Нинг Фенг се слушна звук на телефон на слушател. Потоа се појави и диригентот Емил Табаков од Бугарија. Виолинистот од Кина изгледаше подготвено и изненадено од публиката која беше во салата. Тој започна со пијано динамика заедно со оркестарот кој го следеше во секој чекор. Го изведоа Концертот за виолина и оркестар бр. 1 во D-dur, оп. 19 од С. Прокофјев. Влегоа прецизно и точно во него. Созвучјата кои излегуваа беа воодушевувачки, но истовремено беа проследени со детски плач кој доаѓаше од публиката. Фацијалната експресија на виолинистот беше неверојатна. Неговите ,,пицикато,, делови и поврзаноста со диригентот беа на висината на задачата. Тоновите од виолината излегуваа лесно, воздржано и со интонативна точност. Сигурноста со која изведувачот пловеше низ композицијата беше прекрасна. Фенг беше внесен во делото а оркестарот му беше вистинска поткрепа. За момент се забележа одвојување на самиот солист од оркестарот што и не беше соодветно. Но, во соло делници беше солиден. Самодовербата и ставот на солистот беа евидентни а на момент и преувеличани па доаѓаше до мало испрекинување на поврзаноста со оркестарот. Се забележуваше подготвеноста и сигурноста во музицирањето. Веднаш по првиот став Andantino („малку побрзо од темпо при одење“), следуваше вториот Scherzo: Vivacissimo (разигран и брз). Доста посигурно отсвирен во Forte (гласна) динамика. Диригентот стоеше толку блиску до виолинистот што за време на целото музицирање беше свртен према него. Глисандото (музички израз со кој се означува лизгачко поврзување на два и повеќе тона, каде што изведувачот брзо и непрекинато ги поминува сите меѓутонови) кое Фенг го свиреше беше беспрекорно претставено. Преминот од forte (гласно) кон piano (тивко) музицирање беше незабележлив а виолинистот сè поубедлив заедно со оркестарот. Ставот заврши сигурно. Пред да започне третиот став- Moderato- Allegro moderato имаше мала воздишка на виолината и оркестарот. Мистична боја, оригиналност и усогласена изведба. Во воздухот лебдеше звукот на виолината, гудало исполнето со долги тонови и прикладно вибрато. По нив следеа испрекинати тонови кои допринесоа за изведбата да биде уште поуспешна. Раздвижениот диригент беше сконцентриран и посветен на сцената. Неговите движења беа заслужни за успешноста на динамиката во изведбата. Виолинистот како и предходно беше во некој свој свет, во текот на целата изведба со затворени очи и по некој поглед упатен кон диригентот. Долгите пасажи интонативно прецизно отсвирени го натераа и оркестарот да влезе повеќе во самиот став. Автентичноста на виолинистот се забележуваше од почетокот, но за уште подобрата изведба беа задолжени и инструменталистите од оркестарот кои со своето музицирање оставија посебен печат. Виолинистот дури трипати излезе и се поклони на сцената. По аплаузот Фенг ја изведе и ,,Andante,, Bach- виолинската соната бр. 2 во a-мол. Забележлива сигурност во неговите дланки. Волшебната хармонска прогресија и фразирање беа особено забележливи. Треба да се напомене и истовременото свирење на два тона кои прекрасно се совпаѓаа. По кратката пауза следуваше вториот дел од концертот со наштимување на инструментите. Се случи и мал инцидент во меѓувреме- пад на инструментот на една контрабасистка но, за среќа, сè беше подготвено за кратко и сите ги заземаа своите позиции. Диригентот зачекори и со внимание се очекуваше Симфонијата бр. 11 оп. 103 од Шостакович. Првиот став започна потивко и помрачно. Гудачките и дел од дувачките инструменти ја постигнаа драматичноста на најдобар можен начин преку соодветна динамика и убава боја. Ударалките пак допринесоа за напнатиот звук во ставот. Ритамот беше усогласен, но нешто кое се забележа беа наглите движења на инструменталистите кои во тој момент немаа делници за свирење. За разлика од предходната композиција каде диригентот беше поактивен и пораздвижен, тука неговите потези беа помали. Во текот на вториот став забележавме и слика на силни гудачки инструменти и вметнување на дувачките. Делницата на виолините беше изведена со интонациска точност а потоа и придружбата на останатите инструменти. Заедно придонесоа за музичкиот хаос кој се очекуваше во ставот. И во брзите музички делници кои следуваа немаше посебен проблем и сè течеше како што се очекуваше. Убаво припремено од самите музичари. До музичката кулминација дојде брзо и звучеше прекрасно. Во третиот став се почувствува исполнетост и веќе препознатливост на мотивите од вториот став. Изедначеност владееше во текот на целиот став и беше поткрепено со чисто ,,пицикато,, музицирање кое на моменти беше понагласено од што требаше според движењата на диригентот. Во 4-тиот став се забележа жестока нарав а сите инструменталисти дишеа како едно. Крајот на Симфонијата беше експлозивен.
Следеше неколку минутен аплауз кој нè разнежни сите и докажа дека музиката е единственото нешто кое што нè спојува одново и одново. Ги почувствувавме зборовите ,,хармонија,, и ,,уметност,, кои не се обични зборови. Тие се дел од нас, од нашето битие. Ова беше вечер која повторно нè направи горди музичари и уметници и е доказ дека Македонија има огромно богатство и блескава иднина.