МАКЕДОНСКАТА ФИЛХАРМОНИЈА ФАНТАСТИЧНО СЕ ПРЕТСТАВИ ВО САРАГОСА И ХУЕСКА

МАКЕДОНСКАТА ФИЛХАРМОНИЈА ФАНТАСТИЧНО СЕ ПРЕТСТАВИ ВО САРАГОСА И ХУЕСКА

Македонската филхармонија доживеа извонреден прием во Шпанија, каде што во рамките на петдневната турнеја одржа два концерти во градовите Сарагоса и Хуеска. Оркестарот на Македонската филхармонија, шпанскиот диригент, маестро Рикардо Касеро и солистот на виолина, нашиот и светски Ѓорѓи Димчевски, беа испратени со овации од страна на шпанската публика која им приреди навистина убаво добредојде!

 

На 30 октомври, во прекрасната сала Моцарт во Аудиториумот во Сарагоса, како и на 1 ноември во Конгресната палата во градот во подножјето на Пиринеите, Хуеска, македонските филхармоничари и врвниот Димчевски како солист блескаа со изведбите на Шпанска симфонија оп. 21 за виолина и оркестар од Едгар Лало, како и на Шпанска увертира бр. 1 од Михаил Глинка, сликајќи го шпанскиот дух, а како подарок за шпанската публика, пак, беше бисот, и изведбата на македонското дело „Пијан танец“ од Сони Петровски, посветено токму на нашата Филхармонија.

Инаку, во серијата интернационални концерти во Сарагоса, оваа сезона свое место имаат тројца македонски претставници – Македонската филхармонија, виолинистот Ѓорѓи Димчевски и во февруари во 2019 година, пијанистот Симон Трпчески.

На концертот на Македонската филхармонија во Сарагоса, присуствуваше и в.д. амбасадорката Тина Џеповска, која со гордост ги поздрави музичарите и изрази надеж за понатамошна квалитетна соработка меѓу Македонија и Шпанија на полето на културата. Овој настан беше од голема важност за промоција на Македонската филхармонија, но и на македонската култура воопшто.

Концертите во Сарагоса и во Хуеска беа одлично посетени, а оваа турнеја е од големо значење особено за оркестарот на Македонската филхармонија, кој се стекна со неповторливо и убаво искуство.