ДВА ДЕНА СКОПЈЕ БЕШЕ МАГИЧЕН ГРАД

ДВА ДЕНА СКОПЈЕ БЕШЕ МАГИЧЕН ГРАД

Изминативе два дена Градскиот парк во Скопје беше центар на настаните во градот. Таму требаше да се биде. Сите патишта водеа до парк. Проекцијата на филмот „Исцелител“ и концертот на Феми Кути и Македонската филхармонија беа причините што скопјани со пиво, пуканки, чипс и простирки за седење два дена по ред го освојуваат паркот. И сите се среќни, на сите им е убаво. Многумина дошле со своите велосипеди, младите родители ги донеле своите бебиња во колички, на други пак децата им заспиваа в раце, но не си заминуваа. Убаво им беше.

– Филмче, па одлична музика, прекрасни два дена. Го сакам летото. Што е следно? Кога е следниот концерт на Филхармонија во парк?-коментираа присутните.

Најпрвин скопјани во лежерна атмосфера уживаа во проекцијата на филмот „Исцелител“ на Ѓорче Ставрески. Филмот на сите светски и домашни проекции е испратен со овации и аплаузи, а добитник е и на повеќе награди и признанија. Ако се игнорираат малубројните некултурни испади во публиката, филмската вечер во парк на отворено беше одличен потег. Организаторите најавиле дека ќе организираат уште некоја проекција на филм на отворено. Браво, и да ги охрабриме да продолжат со вакви потези. А што се однесува до публиката, сепак и треба уште малку едукација. За среќа мал дел од публиката се однесуваше некултурно, но тоа придонесе речиси третина од филмот да помине во натегање кој на кого му го сокрива погледот, кој треба да седне, да не стои сам кога сите околу него седат и им пречи во следењето на филмот, кој да се помести малку на лево…па имаше и одговори од типот: Ова е јавен простор, ти ли ќе ми кажеш каде да стојам? Кај сакам ќе стојам.“ Или: „Остави ме сега нервозна сум. не ми кажувај да седнам, не ми се седи“. Една девојка, која беше очигледно дека не е од Македонија најљубезно ја замоли постарата госпоѓа до мене, која единствена стоеше среде тревата, да седне бидејќи не го говори македонскиот јазик и потребно и е да го чита преводот, а поради неа не може. Но…замислете госпоѓата ја игнорираше, иако беше очигледно дека нејзе и се обраќа. Ниту и одговори, ниту седна се додека сите од страна не изреагиравме на нејзиното некултурно однесување. Нејсе, ако продолжи ваквата практика на проекции на филмови на отворено да се надеваме дека се помалку вакви примери ќе гледаме.

Но, во Градскиот парк во Скопје вчера се одржа уште еден незаборавен настан. Феми Кути и „Позитив форс“ заедно со Македонската филхармонија ги донесоа звуците нa традиционалните африкански ритми, џез, фанк и реге, но и танците од Африка.

-И навистина беше незаборавно! Африканскиот музички маг Феми Кути со неговиот бенд „Позитив форс“, оркестарот на Македонската филхармонија и Емин Џијан како диригент, направија Скопје да биде магичен град! Голем број намерници и случајни минувачи синоќа во Градскиот парк беа сведоци на врвна музика, енергична, моќна изведба, фантастичен звук и импресивни светлосни креации!Тоа беше концерт за кој долго ќе се зборува!!, рекоа од Македонска филхармонија.

Навистина беше незаборавно доживување за сите сетила! Посакуваме уште многу причини Скопје да биде магичен град!

(превземено од republika.mk)