БРИЛИЈАНТНИОТ ПИЈАНИСТ ОЛИ МУСТОНЕН ВО СКОПЈЕ!

БРИЛИЈАНТНИОТ ПИЈАНИСТ ОЛИ МУСТОНЕН ВО СКОПЈЕ!

„ББ“ е насловот на претстојниот симфониски концерт на Македонската филхармонија кој ќе се одржи на 5 мај (петок) во Дом на АРМ во 20 часот. Како солист ќе настапи врвниот фински пијанист Оли Мустонен кој има уникатно место на денешната музичка сцена. Следејќи ја традицијата на големите мајстори Рахмањинов и Енеску, освен како извонреден пијанист, Мустонен се смета и за врвен диригент и композитор, а за дел од неговите снимки е добитник на престижни награди.

Мустонен за македонската публика ќе го изведе Концертот за пијано и оркестар бр. 3 од Бела Барток, последното дело на еден од најпознатите унгарски композитори, напишан во неокласичен стил, кој го посветил на сопругата, унгарската пијанистка Дита Барток.

Диригент на концертот е маестро Даниел Рајскин од Русија, а на програмата се и познатата Увертира од операта „Вилијам Тел“ од Џоакино Росини, како и највлијателната симфонија на сите времиња, Петтата симфонија од музичкиот гениј Лудвиг ван Бетовен.

Увертирата од операта „Вилијам Тел“ на италијанскиот композитор Џоакино Росини е најчесто изведуваната увертира во репертоарот на симфониските оркестри. Всушност, увертирата е и најпознатиот сегмент од целокупната опера. Ликот на Вилијам Тел, бестрашниот борец за слобода и независност на својата татковина, соодветствувал на револуционерното расположение на тоа време, така што премиерата (Италија, 1836) се претворила во вистинска политичка демонстрација. „Вилијам Тел“ се смета за прва западноевропска патриотска опера.

Без сомнение, Петтата симфонија од германскиот композитор Лудвиг ван Бетовен е најпознатата симфонија на сите времиња. Создадена во тежок период од неговиот живот, композиторот ја нарекол „Судбинска“. Всушност, за некои биографи (Шиндлер) првиот мотив којшто е и најпознатиот и најцитиран мотив во класичната музика (сол-сол-сол-ми) асоцира на тоа кога судбината тропа на врата. Иако не е докажано дека таа била намерата на Бетовен. Наместо тоа, интенцијата била да создаде една извонредна, грчовита мелодија која се развива со прекрасна драматика до самиот крај. Ова е моќна симфонија со длабока филозофска содржина, симфонија која може да слика агонија, да ја црта тенката линија меѓу животот и смртта, но и да зрачи со силна волја за живот, за нов здив.