СИМФОНИЈА НА ТАЖНИ ПЕСНИ

СИМФОНИЈА НА ТАЖНИ ПЕСНИ

Диригент:
Солист:
Ана Дурловски

H. M. Gorecki: Симфонија бр. 3 оп.36 „Симфонија на тажни песни“

 

„Симфонијата на тажни песни“ од полскиот современик Хенрик Миколај Горецки (1933-2010) се смета за една од најдобрите симфонии на сите времиња, чија популарност ја стекна не само во сфератата на класичната музика, туку и во поп културата. Создадена е во 1976 година, а полската агенција ПАП ќе наведе дека снимката (плочата) е продадена во повеќе од милион примероци. Всушност, ова дело своевремено стана најпродаваното издание на некој современ композитор. Симфонијата е инспирирана од темите на војната и разделбите, од нацистичките логори за време на Втората светска војна. Горецки е роден во Катовице, Јужна Полска, каде што студирал музика. Неговите рани дела се напишани во авангарден стил, иако подоцна не ги апстрахирал полските фолклорни мотиви кои силно се чувствуваат особено во помалите форми.

 

Во текот на 70-тите години развил посебен, оригинален стил по кој се прославил, а бил познат и по несогласувањата со некогашните комунистички власти во Полска, заради што се повлекол во 80-тите од јавниот живот и се фокусирал на компонирање. Напишал и Четврта симфонија чија премира била долго одложувана поради неговата болест. Добитник е на Орден на белиот орел, највисокото полско признание. Познати се неговите совети кога студентите по композиција од Музичката академија од Катовице го прашувале како да пишуваат и што да пишуваат: „Ако можете да живеете без музика два или три дена, тогаш немојте да пишувате… можеби е подобро времето да го поминете со девојка на пиво. Ако не можете да живеете без музика, тогаш создавајте.“ Заедно со уште двајца композитори на 20.век, Естонецот Арво Парт и Англичанецот Џон Тавенер, бил втемелувач на правецот кој музиколозите ќе го наречат „Духовен минимализам“. Таква е всушност „Симфонија на тажните песни“. Мотивот и инспирацијата за своите дела овие композитори на постмодерната повторно ги наоѓаат во интимниот однос спрема религијата – длабока продуховеност и едноставност, наместо широка театралност и комплексност. Често музиколозите овој начин на пишување го доведуваат во врска со корените на хомофоната православна музика и византиското пеење. За враќањето на Папата Јован Павле Втори во родната Полска, Горецки бил задолжен да напише дело кое Папата го слушал за време на Мисата во „Победничкиот плоштад“ во Варшава. Ќе ја напише хорската химна „Тотус Туус“ („Сосема твој“). Неговата Симфонија бр.3 изведена по повод комеморацијата на Холокаустот во 1992 година со Лондонскиот симфониски оркестар, под палката на Давид Цинман и сопранот Даун Апшоу, доживеа фантастичен успех на сите листи во САД и Велика Британија, а бројот на продадени ЦД-а ја премина бројката од еден милион. Кога новинарите го прашале да ја искоментира изведбата, тој само одговорил: „Ајде малку да молчиме за тоа.“

 

Ниту еден класичен композитор всушност, не достигнал таква комерцијалност како ова дело на Горецки. Тој е водечка фигура на полската авангарада за време на пост-сталинизмот. Под влијание на Веберн, на почетокот ги создавал своите дела во серијална техника, а потоа под влијание на Луиџи Ноно, Карлхајнц Штокхаузен и Кшиштоф Пендерецки го проучува т.н. дисонантен модернизам. Потоа се фокусира на духовниот минималистички звук кој го најавува во Симфонијата бр.2 и го заокружува во Симфонијата бр.3. Негови познати дела во оваа насока се и „Беатус Вир“, химната „Мизерере“, „Мал реквием за една Полка“ или Реквиемот „Добра Ноќ“…

 

„Симфонија на тажни песни“ е своевидна транзиција помеѓу дисонантниот ран манир на Горецки и неговиот повеќе тонален стил кој подоцна ќе го практикува. Соло сопранот во сите три става пее текст на полски јазик. Првиот став е ламентација кон Марија, мајката на Исус од 15 век, вториот став e порака испишана на еден од ѕидовите од логорите на Гестапо за време на Втората светска војна, а третата е народна песна на мајка која го оплакува својот син убиен од Германците во Шлезиските востанија. Првиот и третиот став се пишувани на начин да се наслика преку тегобен, траорен звук болката на родителите кои ги изгубиле своите синови, па затоа доминантните теми на симфонијата се мајчинството и болката, како и сепарацијата за време на војната. Симфонијата создава вистинска душевна болка, затоа што Горецки на транспарентен начин успеал да создаде реална слика на оплакување, а во исто време низ хармоничен минималистички звук да доминира колоритот на целиот инструментариум. Бил инспириран од полскиот фолклорист Адолф Дигац кога нашол четири песни снимени во регионот Шлезија во југозападна Полска, особено од песната „Каде отиде, мој драг, млад сине?“. И овде на таков длабок, болен начин тој се обидел да ја „опее“, колку што може, да ја „озвучи“ мајчинската жал за синот изгубен во војна, да го следи поетот во неговиот моќен ентитет и од толку едноставни, но силни зборови да направи толку траорна звучна атмосфера. Зо вториот став, Горецки ја слика пораката напишана на ѕид во келија во германски затвор во градот Закопане. Зборовите што ги напишала 18 годишната Елена Ванда, жена затворена во 1944 година се потресни – „Мамо не се плаши, не… Мамо, не плачи…“ Симфонијата, ќе запишат музиколозите, ја има најсилната кулминација во првиот став, што слушателот го доведува во една катарзична состојба.

Следни настани