МАСТЕРКЛАС СО ЛАЈОВИЦ

МАСТЕРКЛАС СО ЛАЈОВИЦ

Диригент:
Солист:
Паскал Краповски

Диригенти се учесниците на мастеркласот

Bодач на мастеркласот: Урош Лајовиц (Словенија)

Солист: Паскал Краповски – виолончело

 

Програма:

Џ. Росини: увертира од операта „Севилскиот берберин“

Ј. Хајдн: Концерт за виолончело во Це-дур

А. Дворжак: Симфонија бр. 8

Allegro con brio

Adagio

Allegretto grazioso — Molto vivace

Allegro ma non troppo

Џоакино Росини (1792 – 1868) е исклучителен композитор кој со своите оперски дела го променил звучниот пејзаж во музичко-сценската уметност, посебно во сферата на комичната опера – т.н. опера буфа. Росини ја реформирал традиционалната форма на опера буфа, преку деликатен третман на мелодиската линија во која доминира белканто, ги ставил во функција различните ансамбли, употребувал невообичаени ритми, му го вратил вистинското место на оркестарот и го ставил пејачот во служба на музиката.

„Севилскиот берберин“, денес омилената комична опера на публиката, на почетокот, кога првпат била изведена во 1816 година, не доживела голем успех, бидејќи во публиката седеле голем број почитувачи на композиторот Џовани Паизиело, кој пред Росини, исто така, напишал популарно дело на истото либрето. Сепак, Росини бил мајстор на музичката комедија и поседувал неверојатно чувство за време и способност во мелодијата да ја зароби суштината на ликот. Затоа, за кратко време неговата „Севилскиот берберин“ станала едно од најпознатите дела во оперската литература и стожер на програмскиот репертоар на оперските куќи.

Росини напишал околу триесет и осум опери, но „Севилскиот берберин“ останува омилена и на публикатa, но и на изведувачите. Тоа е делото кое е заслужно за неговата брзорастечка кариера, композиција која го направила ѕвезда меѓу композиторите. „Севилскиот берберин“ е музичко-сценско ремек-дело, кое плени не само со вокалните сегменти, туку и со уникатната и возбудлива увертира. Во неа Росини го сумира комичниот дух кој провејува во целата опера, а посебно е интересен вториот дел познат по т.н. крешендо на Росини во кое една иста секвенција се свири и повторува двапати со придвижувања во динамиката. Увертирата завршува со исто толку возбудлива кода на која почива и се гради целокупниот музички хумор кој претставува база на која е изградена оваа комична опера на Росини.

Ј. Хајдн: Концерт за виолончело и оркестар бр. 1 во Це-дур

Австрискиот композитор Јозеф Хајдн (1732 – 1809) е една од најзначајните фигури во историјата на музиката кои придонесоа за развој на класичната музичка есететика во музиката на 18 век. Исклучително е важен неговиот придонес во развојот на стилот и формата на симфонијата и гудачкиот квартет. Неговата музика во целост го изразува идеалот на виенскиот класицизам, во неа нема драматичност, рефлексија на комплексни чувства, ниту, пак, остри контрасти. Таа е чиста и едноставна, мелодиски и хармонски совршена во перфектен баланс.

Концертот за виолончело и оркестар број 1 во Це-дур Јозеф Хајдн го создал во периодот помеѓу 1761 и 1765 година за својот долгогодишен пријател Јозеф Франц Вејгл, главен челист во оркестарот на принцот Николаус Естерхази.

Делото не било познато сѐ до 1961 година кога музикологот Олдрих Пулкерт не открил копија од партитурата во Националниот музеј во Прага. Иако во почетокот постоеле дилеми околу автентичноста на делото, најголем дел од експертите се согласни дека токму Хајдн е автор на овој концерт. Токму ова дело денес се смета за едно од најзначајните напишани за оркестар и виолончело во класичната музичка ера. Во него Хајдн го третира соло-инструментот на идиоматски начин, а формата претставува мост и премин меѓу барокниот концерт и сонатната форма. Како и во барокното кончерто гросо, ансамблот за којшто го напишал е мал.

Главната тема во првиот став е совршено мелодична: радосна, певлива, од оние што може да се притаат во увото на слушателот и да останат во неговата глава цел ден. Вториот став е еклектичен, потсетува на бавните ставови во барокната ера со специфичната хармонска прогресија и фразирањето. Финалето е лесно и возбудливо и фуриозно. Оркестарот и солистот во последниот став од концертот брилираат со брзите темпа, но начинот на којшто се справуваат со комплексноста е типичен за Хајдн, кај кого многу често виртуозноста и забавата одат заедно во совршено спакуван пакет.

 

А. Дворжак: Симфонија бр. 8

Најголемиот дел од симфониското размислување во доцниот 19 век се базирало на повеќе работи во исто време – на структурата и мотивот, на хармонијата и контрапунктот. Поради опсесивноста на композиторите да извлечат нешто ново од формата, многу често се заборавало на мелодијата и на нејзиниот доминантен тек во креирањето на симфониските дела. Се заборавало на уметноста на пишувањето мелодија и колку е таа важна за слушателот, неговата зона на уживање, но и за интегралното креирање на симфониската музичка мисла.

Осмата симфонија на чешкиот композитор Антонин Дворжак (1841 – 1904) е типичен пример за тоа колку третманот на мелодијата е значаен во креирањето на симфониската музичка мисла. Во неа се рефлектира типичниот стил на овој композитор кој претставува целосна рекреација на националниот идиом со оној на класичната симфониска традиција која се инспирира од фолклорните влијанија. Дворжак пронаоѓа нови патишта и идиоми и создава типичен авторски стил.

Покрај повремените драматични моменти, доминантен тон во неговата Осма симфонија е еуфоријата и среќата што произлегуваат од животот и неговите природни чуда и убавини. Биографот Отокар Соурек објаснува дека Дворжак има своја градина во вилата во Бохемија, која ја обожавал и ја третирал како божество. Бегството во природа и во ова место му го давале не само потребниот мир и бистрина на умот, туку и свежа инспирација за пулсирачките ритми на животот, неговата убавина и менувањето на расположенијата. На ова место тој ги апсорбирал поетските импресии и слики, повторно ја наоѓал животната енергија, како и филозофските рефлекции за контекстот и значењето на врската меѓу природата и животот.

Во Осмата симфонија тој го рефлектира токму тоа, преку интелигентен музички дизајн кој постојано ја реформулира поврзаноста меѓу природата и човечкото постоење. Во ова симфониско ремек-дело, Дворжак ѝ дава целосна слобода на поетската страна на својата авторска природа – преку моќната и сјајна експозиција на првиот став, преку меланхоличната реторика на вториот став и фоклорно инспирираната форма на валцер во финалниот став.

Следни настани