И ТЕЛО И ДУША

И ТЕЛО И ДУША

Диригент:
Солист:
Дино Имери

Диригент: Јерухам Шаровски (Израел)

Солист: Дино Имери – пијано

Програма:

Л. В. Бетовен: Концерт за пијано и оркестар бр.5

Л. В. Бетовен: Симфонија бр. 7

 

Концертот за пијано и оркестар бр. 5 во Ес-дур од Лудвиг ван Бетовен е еден од најсовршените и најчесто изведувани дела на светската музичка сцена. Создаден е во периодот меѓу 1809 и 1811 година во Виена и претставува совршен премин од класицизам во романтизам, сумирајќи ги придобивките од двете музички епохи.

Оркестарот во ова дело не е само симфониска, туку совршена придружба на пијаното. Бетовен создава во него етерични ефекти кои презентираат поинаква категорија од стандардната оркестрација типична за времето во кое бил создаден овој концерт. Соло-пијаното ја следи и ја развива техниката на инструментот со чувство на слобода и брилијантност. Во овој концерт, Бетовен поставува специфична врска меѓу пијаното и оркестарот која не се темели на „индивидуалното против масовното“, туку на рамноправен дијалот. Концертот почнува со своевидна каденца поставена меѓу оркестарските акорди, пред да се слушне главната тема од која дише романтизмот, но и хероизмот од кој Бетовен бил опиен во периодот кога го пишувал, кој важи за еден од најпродуктивните во неговото творештво. Бавниот втор став започнува во елегичната тема со гудачи, а потоа се вклучува пијаното со една од најромантичните и најубави теми напишани за овој инструмент. Третиот став – рондо има сличен ритмички контекст како во неговата Седма симфонија, што се рефлектира во темата и тоновите кои се повторуваат… Ова е последниот концерт за пијано што го напишал Бетовен. Тој не претставува тажно збогување со капацитетите на пијаното (овој концерт е создаден кога кулминирал проблемот со слушањето кај Бетовен), напротив, рефлектира длабоко живописно и оптимистичко славење на неговиот генијален авторски капацитет.

 

Л. В. Бетовен: Симфонија бр. 7 во А-дур, оп. 92

Симфонија бр. 7 во А-дур оп. 92 од Л. В. Бетовен премиерно била изведена во Виена на 8 декември 1813 година. Ова симфиниско дело на Бетовен, создадено во ист период како и Концертот за пијано и оркестар бр. 5, го рефлектира музичкиот оптимизам на композиторот, иако е создадено во период кога имал големи проблеми со слушањето. Самиот композитор сметал дека оваа е неговата најсовршена симфонија, а критиката ја оценува како едно од мелодиски најбогатите симфониски дела во неговиот опус. Симфонијата претставува апотеоза на танцот или, како што рекол Вагнер, „ако некој ја слуша Седмата симфонија, без разлика што е – клупа, чаша, баба, бебе во лулка, ќе почне да игра“.

Првиот став во почетокот не е многу игрив, минуваат неколку минути додека не се појави темата со своите брилијатни теми и обоени ритми. Вториот став е контрастен на првиот, тој е посмртен марш и ги следи мелодиските специфики кои имаат потемен колорит. Танцовиот карактер, на кој сугерирал и Вагнер, се враќа во третиот став, преку две теми до специфичен ритам. Последниот став почнува со мотив од четири ноти кои асоцира на стартот на Бетовеновата Петта симфонија. Овие ноти, всушност, повеќе се ритмички модел кој се врти во текот на целиот став. Оваа симфонија е вистинско ремек-дело, како и останатите девет симфонии на Бетовен. Бетовен ја истурил во неа сета своја индивидуалност и креативност, создавајќи дело кое претставува споменик, тестамент за тоа како се создава комплексно симфониско дело.

Следни настани