часот
24 Ноември
20:00 часот
Концертна Сала
АЗНО
Диригент:
Борјан Цанев
Солисти:
Кирил Трусов
ГОРДАНА ЈОСИФОВА - НЕДЕЛКОВСКА
Види Галерија
Диригент: Борјан Цанев
Солисти: Кирил Трусов – виолина (Германија)
Гордана Јосифова – Неделковска – обоа
Програма:
Ј. С. Бах: Концерт за виолина и обоа и во d-moll BWV 1060
Allegro
Adagio
Allegro
М. Брух: Концерт за виолина и оркестар бр. 1 во g-moll, оп. 26
Vorspiel: Allegro moderato
Adagio
Finale: Allegro energico
Пауза
П.И.Чајковски: Симфонија бр. 5 во e-moll
Andante – Allegro con anima
Andante cantabile con alcuna licenza
Valse: Allegro moderato
Finale: Andante maestoso – Allegro vivace
*Концертот е поддржан од Германска амбасада*
Како многу други концерти кои ги напишал Јохан Себастијан Бах, така и Концертот за виолина и обоа во де-мол претставува адаптација, односно транскрипција на концертите кои ги напишал за чембало. Рециклирањето на музиката за чембало која ја напишал Бах била вообичаена практика, со која дополнително се згуснувала изведбата на неговите дела. Разликите во партитурата напишана за чембало и мелодиските карактеристики наведуваат дека Бах го пишувал за два контрастни соло инструменти, кои силно сугерираат дека неговиот иницијален избор уште на почетокот биле виолината и обоата. Тие нудат имагинативна звучна комбинација, а нивните различни бои во овој концерт никогаш не бледеат. Концертот ја следи типичната италијанска барокна структура: има три ставови, брз-бавен-брз. Во него можат да се забележат и други инспирации од италијанскиот барок – креирањето мелодии во стилот на арија и силниот ритмички пулс.
Првиот став (Алегро) е типично поделен меѓу солистите и оркестарот, јасно дефинирајќи ја поделбата на двете „сили“ во делото. Главната темата заеднички ја делат и солистите и оркестарот, не само како тематска имитација и комбинација, туку во исто време и како мотивичарко ехо. Слично како во концертната „процедура“ на Вивалди, вториот став (Адаџо) презентира мелодиска линија инспирирана од арија. Започнува со обоата, и во него Бах развива елегантна кантилена, претставена преку текстурата на контрапунктот во дуетот на двајцата солисти. Оркестарот е звучна придружба, своевидна позадина преку нежната пицикато придружба. Брзиот последен став (Алегро) е изграден на главна тема која се појавува во централните и завршните делници од овој став. Индивидуалноста на оваа тема го контролира расположението во овој став и останува главна тема на „разговор“ меѓу инструментите. Во овој став Бах го презентира препознатливиот рецепт типичен за неговата музика – креирањето звучен контраст. Каскадната барокна динамика (силно и тивко) е движечка сила и таа постојано ротира како енергија меѓу солистите и оркестарот. Ставот изобилува со ритмичка динамичност и брзо темпа, типични за барокната музика.
Виолинскиот концерт во ге-мол е најизведуваното и најпознатото дело на германскиот композитор Макс Брух (1838–1920). Овој композитор зад себе оставил голем број други импресивни творби, но, поради нивната еклектичност, тие не се одржале на сцената. По студиите, Брух работел во разни градови во својата земја, како музички директор или дворски диригент, а потоа станал диригент и директор на Филхармонијата во Ливерпул. Се вратил повторно во Германија, како професор по композиција на Берлинската академија, и последните десет години од животот ги поминал во самотија. Трипати е именуван за почесен доктор во Кембриџ, Бреслав и во Берлин. Брух напишал и неколку опери и музички драми, a бил мошне ценет и поради неговите исклучителни хорски дела. Бил близок до идеите на неокласичарите Брамс и Ханслик, и активно се борел против спротивниот табор на неоромантичарите.
Концертот за виолина и оркестар во ге-мол е создаден во 1866 година, а премиерата се одржала под диригентство на композиторот. Се смета за најпопуларно дело за виолина и, заедно со „Шкотска фантазија“, за најдобро дело на Брух од целокупното негово творештво. Почнал да го пишува концертот на 26 години, и 18 месеци подоцна му испратил писмо на неговиот поранешен учител Фердинанд Хилер, во кое му соопштил дека делото напредува бавно и дека не е сигурен на ова поле. „Сметате ли дека за мене ова е чудно, да пишувам концерт за виолина?“, напишал Брух. Несигурен, ја повлекол првата верзија и ракописот го испратил до големиот виртуоз Јозеф Јоаким, кој му дал детални предлози како да го подобри концертот. Но, Брух, стравувајќи дека неговата партитура ќе биде премногу зависна од ставовите на Јоаким, не ги прифатил неговите предлози, но, сепак, побарал совет од диригентот Херман Леви, како и од виолинистот Фердинанд Давид. Концертот за виолина бил многу пати преработуван додека не ја добил конечната верзија која денес се изведува. Започнува со тремоло во тимпаните, а по главната тема што ја носат дрвените дувачи, солистот настапува со драматична каденца. Првиот став го отсликува мелодиозна лирика, која ја прекинуваат страсните пасажи на виолината. Вториот став се надоврзува без прекин и почнува со мирна кантилена, која се развива до вознемирувачка кулминација. Финалето е во сонатна форма и е полно со изненадувачки ефекти. Оркестарот носи сегменти со енергична прва тема, која потоа ја презема солистот.
Десетгодишниот престој во Москва ќе остави силен печат во опусот на рускиот композитор Петар Илич Чајковски (1840-1893). Инспирацијата од рускиот фоклор, програмскиот карактер, како и од начелата на познатата музичка група „Петорка“ ќе најдат свое место во многу од неговите најпознати дела. „Има се во неговите дела, и модерните струења на тогашниот западен систем, и силната припадност кон домот“, ќе напишат неговите биографи. А, неговиот колега Стравински ќе потврди – „тој е најголемиот Русин меѓу нас.“
Во богатиот опус на Чајковски, посебно место заземаат неговите симфонии. Петтата симфонија во е-мол (1888) е своевиден филозофски автопортрет и во неа најсилно се изразени индивидуалните мисли и чувства и неговите апокалиптични сфаќања за животот. Симфонијата премиерно била изведена во Санкт Петербург во театарот „Марински“, под диригентство на самиот автор. Станува збор за циклична симфонија, во која првата тема е присутна во сите четири става. Во неа Чајковски трагедијата ја претвора во триумф, и од тој аспект многу силно потсетува на Бетовеновата Петта симфонија, бидејќи и во двете дела, главната тема најпрвин се јавува во мол, поминува низ различни тоналитети и на крајот се јавува во дур, како ослободување, како катарза, како конечно здогледување на светлина. Во првиот став фаготот и кларинетот пеат песна за некогашна среќа. Широката лирска споредна тема во гудачите, пак, се колеба меѓу радоста и тагата, и сепак, тие носат среќна визија. Вториот став исто така ги спротиставува расположенијата на тага и среќа, и во него се истакнува прекрасна мелодија која ја носи соло хорната. Третиот став е мелодиозен, тоа е валцер кој површно сака да го „понуди“ позитивниот став за животот. Финалето повторно го носи судбинскиот мотив од воведот на првиот став, дурски интониран за да добие победнички карактер. За време на опсадата на Ленинград (Втора светска војна), на 20 октомври во 1941 година, Ленинградскиот симфониски оркестар ја извел оваа симфонија на Чајковски, а директен пренос од овој концерт бил емитуван во Лондон. Градските власти му наредиле на оркестарот да продолжи со изведбата што и да се случи, за да се задржи моралот и духот на луѓето од овој град. Иако надвор паѓале бомби, музичарите од оркестарот бестрашно ја освиреле од почеток до крај.
Текстови:
Ангелина Димоска, музиколог