Александар Котевски
водач на виолончела
Роден е во Битола во 1980 година. Своето музичко образование го започнува на 14-годишна возраст со запишувањето во Средното музичко училиште во Битола. Неговиот талент станува забележан само по шест месеци кога на државниот натпревар во 1995 година ја освојува втората награда. На државниот натпревар по камерна музика во 1996 година ја освојува третата награда.
По завршувањето на Средното музичко училиште, се запишува на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата на проф.Душка Тасеска, но дипломира и магистрира во класата на доцент Жифко Фирфов. Има посетувано повеќе мастер-курсеви по виолончело, и тоа кај: Кирил Родин, Кирил Кравцов, Јевгениј Ксаверјев, барокниот семинар по виолончело и камерна музика со квартетот „Медичи“ во Дубровник и со проф.Џенифер Кларк (Кралската академија од Лондон) и проф. Кетрин Мекинтош(Кралската академија од Лондон ).
Посетувал часови кај Александар Рудин и Давид Грегоријан. Како солист настапувал со Камерниот оркестар на ФМУ на „Есенски музички свечености“, со Македонската филхармонија, со Дубровничкиот симфониски оркестар, со Мостарскиот симфониски оркестар. Редовен член бил на оркестарот на Музичката младина на Македонија, Македонската филхармонија и нејзиниот камерен оркестар, Меѓународниот оркестар во Сараево во 2003 година и Дубровничкиот симфониски оркестар.Како член на повеќе оркестри и состави, настапувал во: Хрватска, Германија, Австрија, Италија, Србија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Албанија, Индонезија, Шпанија, Америка, Кина, Израел, Обединетите Арапски Емирати, Казахстан, Дубаи итн.Соработувал со ансамблот за современа музика „Алеа“ и со ансамблот „Сорбо“ во Дубровник.Член е на дуото виолончела „Котевски– Пеиќ“ со кој има остварено концерти во Македонија, во Србија, и во Културниот центар на Македонија во Њујорк.Член е и на камерниот состав „Трио В.А.М.“ во кој членуваат Марија Ѓошевска и Владимир Костов со кој има настапено на фестивалот „Охридско лето“, Културниот центар на Македонија во Њујорк и други настапи во Македонија, Хрватска и други земји.
Од 2007 година е редовен член на оркестарот за снимање филмска музикаF.A.M.E.’S.
Од 2003 до 2007 година, работи како водач (прв челист) на групата виолончела во Дубровничкиот симфониски оркестар.Од 2007 до 2011 година, работи како водач (прв челист) на групата виолончела во Македонската oпера и балет.Од 2011 до 2014 година, работи како уметнички директор на Македонската опера.Од 2013 година ја организира и реализира турнејата на Македонската опера во Индонезија каде што настапи во светски познатата сала Aula Simphony и во салата на храмот Tzu Chi каде што концертот се пренесуваше со директен телевизиски пренос пред 50 милиони гледачи. На тој донаторски концерт се собраа над 350.000 евра за настраданите во цунамито во Филипини. Од 2014 година работи како водач (прв челист) на групата виолончела во Македонската филхармонија со која во 2015 година настапи како член на камерниот состав во најпрестижната сала „Карнеги хол“ во Њујорк.