Олси Ќинами

Олси Ќинами е главен диригент и музички директор на Лондонската градска филхармонија, диригент на Националниот радиосимфониски оркестар на Албанија и професор по диригирање на Универзитетот за уметности во Тирана, Албанија. Има работено со оркестри како што се Би-би-си симфонискиот оркестар, Националната опера на Словенија, Операта Хонгконг, Норвешкиот радиооркестар, Националната опера на Албанија, Националната опера на Северна Македонија, Атинската филхармонија, Опера де Маси во Париз, Камерниот оркестар на Версај... Во 2024 година, маестро Ќинами беше диригент на оркестарот на Централноевропската мрежа на музички академии со кој реализираа турнеја од 10 концерти во Италија, Унгарија, Чешка, Словенија, Словачка и Хрватска. Во 2015 година ја добил втората награда на Меѓународниот натпревар за диригирање со London Classical Soloists. Инаку, маестро Ќинами започнал да учи пијано на шестгодишна возраст во родната Албанија, а учел во Уметничката гимназија „Јордан Мисја“ во Тирана. Подоцна заминал во Велика Британија каде што учел со професорот Најџел Клејтон на Кралскиот музички колеџ во Лондон. Магистрирал оркестарско диригирање на Кралскиот конзерваториум во Бирмингем, а поседува и диплома по диригирање од Академијата за уметности во Албанија, како и диплома Супериор по диригирање од „Екол Нормал“ во Париз, каде што учел со Доминик Руитс. Олси Ќинами ги продолжил студиите со маестро Пааво Јарви на неговата Академија за диригирање, со Рикардо Мути на „Рикардо Мути академијата за опера“, со Младинскиот оркестар „Луиџи Керубини“, на „Orkney Advanced Conducting Course“ со Александар Ведерников итн., а исто така учел и со многу други истакнати имиња. Критиката за него ќе каже дека „поседува извонредна техника, природна поврзаност со оркестарот и знае како да ги изрази своите идеи и да комуницира ефективно“.

Skip to content