Марк Кадин

Изведбите на Марк Кадин се опишани како „маѓепсан дијалог меѓу умот и емоциите“ („Декрешендо“), „...не само концерт туку трансформативно искуство“ („Ел Универзал“). Со огромен репертоар кој ја опфаќа класичната, романтичната и современата музика, маестро Кадин диригирал на сцени ширум светот, а само во сезоната 2024/25 изведува ремек-дела од Шостакович, Прокофјев, Сибелиус, Брамс, Шопен, Лист, Дебиси, Гершвин, Мијо, Чајковски, Римски-Корсаков, како и Моцартовиот Реквием и Орфеовата Кармина Бурана. Од 2023 година е музички директор на Филхармонијата во Керетаро, оркестар со голема традиција во Мексико, кој оваа година ја одбележува својата 33-та сезона. Претходно, бил главен диригент на Симфонискиот оркестар на Бугарското национално радио (2017 – 2023), каде што ја зацврстил позицијата на оркестарот како еден од најиновативните во државата. Како прв и единствен меѓународен уметник кој ја добил Големата награда на Бугарското национално радио за креативен придонес во развојот на симфонискиот оркестар, Марк Кадин е добитник и на Националната награда „Кристална лира“ за достигнувања во бугарската изведувачка уметност. Бил прв гостин диригент на Московскиот радио-симфониски оркестар и Литванскиот национален музички театар и музички директор на Симфонискиот оркестар во Краснојарск (2004 – 2014). Во текот на таа сезона диригирал 40 симфониски програми, предводел три азиски турнеи, формирал Летна академија за млади музичари од различни сибирски градови и иновативен Летен фестивал на отворено во Краснојарск, кој го посетувале десетици илјади луѓе. Исто така, настапувал и со бројни оркестри низ Русија, вклучувајќи ја Руската филхармонија и Државниот симфониски оркестар на Москва. Неговите неодамнешни и претстојните гостувања ги вклучуваат: Филхармонијата Артур Рубинштајн, Симфонијата на Словачкото радио, Софиската филхармонија, Моравската филхармонија, Римската симфонија, Филхармонијата Виењавски, Гавле симфонија (Шведска), Крајстчрч оркестар во Нов Зеланд, оркестри во Кореја, Виетнам, Кина, Бразил... Настапувал со солисти како Максим Венгеров, Вадим Репин, Кристоф Барати, Симон Трпчески, Александар Рудин, Михаил Плетњов и многу други. Истакнат е и во областа на операта и балетот, уште од неговото деби во Бољшој театарот во 2003 година. Марк Кадин е роден во Украина. Студирал диригирање на Руската музичка академија во Москва (1987 – 1993). Уште како студент ја започнал својата диригентска кариера во 1990 година со Ансамблот за современа музика во Москва. Бил резидентен диригент на Рускиот национален оркестар и на Камерниот оркестар Московски виртуози, а соработувал со Мстислав Ростропович, Кент Нагано, Валериј Гергиев, Мајкл Тилсон-Томас, Евгениј Светланов, Александар Лазарев...  

Skip to content