Ендру фон Ојен

  Ендру фон Ојен е меѓународно признат пијанист, познат по својата извонредна техника и елегантна изведба. Дебитирал со Филхармонијата на Лос Анџелес на 16-годишна возраст, а од тогаш настапувал како солист со водечки оркестри низ светот, вклучувајќи ги и Филаделфија оркестарот, Симфонискиот оркестар на Лос Анџелес, Берлинскиот симфониски оркестар, Прашката филхармонија, Марински оркестарот, Би-би-си симфонискиот оркестар, Симфонискиот оркестар на Токио, Симфонискиот оркестар на Сингапур и многу други. Настапувал во најпрестижните концертни сали како Вигмор Хол и Барбикан Хол во Лондон, Линколн Центар во Њујорк, Кенеди Центар во Вашингтон, Симфониската сала во Бостон, Театарот Тони Хол во Лос Анџелес, Театарот Хербст во Сан Франциско, Тонхале во Цирих, Ројал Опера во Версај, Театро Олимпико во Рим... Фон Ојен издава албуми за Warner Classics, вклучувајќи ги „Bach-Beethoven“ (2021) и „Angels & Demons“ (2024), кои веднаш достигнаа високи места на платформите за стриминг. Неговите снимки опфаќаат репертоар од Бах и Бетовен, до Дебиси, Равел, Лист, Сен-Санс и Месијан. Роден во САД, со германско и холандско потекло, започнал да учи пијано на петгодишна возраст, а на десет години дебитирал со оркестар. Дипломирал на Колумбија Универзитетот и на Џулијард школата, каде што негови наставници биле Херберт Стесин и Џером Ловентал, а работел и со Алфред Брендел и Леон Флајшер. Добитник е на Gilmore Young Artist Award (1999) и на Првата награда на Léni Fé Bland Foundation National Piano Competition (2001). Денес живее во Лос Анџелес и во Париз, и поседува американско и француско државјанство.  

Skip to content