Aксел Сан -Сирел
Мецосопранистката Аксел Сен Сирел го привлече вниманието на светската јавност со својата впечатлива изведба на Марсејеза од покривот на Големата палата за време на свеченото отворање на Олимписките игри во Париз 2024. Француските медиуми ја прогласија за „вистинско откритие“, а настапот остана еден од највпечатливите моменти на овој глобален настан. Дипломирала на Парискиот конзерваториум и е избрана како една од само 14 учесници во престижниот проект Salzburg Young Singers во 2025 година, во чии рамки ќе настапи и на Салцбуршкиот фестивал. Во сезоната 2025/26 ја очекуваат деби-настапи на Фестивалот во Вексфорд, Националната опера во Бордо и Театарот „Шанзелизе“ во Париз. Нејзиното сценско искуство вклучува улоги во опери од Равел, Офенбах и Бизе, како и во мјузиклите на Леонард Бернштајн. Како Кармен настапува во Операта во Авињон, а со продукцијата Les Contes d’Hoffmann турнеира низ француските прекуокеански територии. Добитничка е на повеќе меѓународни награди и признанија, меѓу кои и на статусот Emerging Artist за сезоната 2024/25. Покрај оперската сцена, Сен Сирел е активна и како рециталистка и редовно настапува на фестивали и со симфониски оркестри. Се усовршувала на мајсторски курсеви со истакнати уметници и е позната по својата разновидност, комбинирајќи оперска уметност со џез и музички театар, што ја прави особено барана за големи јавни и специјални настани.
Назад