Дмитри Маслеев
Рускиот пијанист Дмитри Маслеев (1988), е еден од најзначајните солисти од поновата генерација на светската музичка сцена во моментов. Учел пијано на Конзерваториумот „П. И. Чајковски“ во Москва, во класата на проф. Микхаил Петруков, како и на Интернационалната академија за пијано на езерото Комо во Италија. Како „суперсолист“ беше најавено и дебито на Дмитри Маслеев со оркестарот на Националниот оркестар на Франција во 2020 година, на кој го изведе Концертот за пијано и оркестар број 1 од Чајковски, дело кое му обезбеди интернационална кариера откако стана лауреат на Меѓународниот натпревар „Чајковски“ во 2015 година. Овој исклучителен млад пијанист го издвојува и дебито во Златната сала на Музикферајн и на главната сцена на Берлинската филхармонија. Оттогаш, Германија и Франција се негови главни дестинации, каде што соработува со врвни оркестри. За него критиката ќе напише: „Каков уметник! Сè е толку едноставно, толку генијално, без најмал обид за објаснување на музиката...“ Или: „Тој е архитект на пијаното, како што малкумина од неговите колеги се денес...“ „Фасцинантно е да се сведочи на неговиот уметнички развој. Никој не може да научи да свири вака. Потребна е многу природна музикалност... Маслеев покажува како во мал простор може да се отвори цел универзум на душата. Тоа е голема уметност и тоа е она што секогаш го сакате и ретко го добивате како слушател...“ Минатата година имаше неколку настапи на резиденцијата на Вербие Фестивалот, а неговиот дебитантски настап на таа сцена во 2019 година беше меѓу многуте од неговите настапи што беа емитувани на Medici TV за илјадници луѓе ширум светот. Настапува на сите светски сцени, но не ја заборава и својата родна Русија, често настапувајќи со Московскиот филхармониски оркестар. Неговиот втор албум „Rapid Movement“ го издаде руската легендарна издавачка куќа „Melodia“, додека претходниот, од настап во „Концертгебау“ во Амстердам, кој вклучува соло и оркестарски репертоар, се најде на Spotify Top Classical 2017 листата и ја доби престижната германска награда „Preis der Deutschen Schallplattenkritik“ во категоријата соло пијано. Дмитри редовно настапува во САД и во азиските метрополи со врвни оркестри.
Назад
