Теди Папаврами

Кога Теди Папаврами пристигнал во Франција на млада возраст, се соочил со земја и култура што му биле целосно непознати. Поттикнат од природна љубопитност споена со силна желба да го совлада францускиот јазик – но и да ја надмине почетната осаменост – тој се нурнал во читање дела од Пруст, Флобер, Достоевски, Чехов, Кафка..., сè на француски. Она што го прави Теди Папаврами уникатен и редок музичар, е неговата љубопитност за сè што лежи зад границите. Во комбинација со неговите високи уметнички и интелектуални стандарди, тоа му овозможило да го премости огромниот јаз помеѓу неговото потекло и новите хоризонти. Затоа, кога преведувачот Јусуф Вриони починал во 2000 година, не било изненадување што Теди Папаврами ја презел задачата да ги преведе на француски делата на албанскиот автор Исмаил Кадаре, кого го познавал уште како дете. Така, тој водел професионален живот надвор од музиката и од виолината. Во 2013 година, во истиот дух, ја објавил својата книга за сопствената младост „Fugue pour violon seul“ на француски. Универзално пофалена од критиката, книгата ја раскажува неговата траекторија како чудо од дете од Албанија и неговото преминување кон Западот и слободата. Во 2003 година, пак, кога актерката Жан Моро го запознала Теди во една телевизиска емисија, таа воопшто не се двоумела да го ангажира да ја игра улогата на Дансени виолинистот, заедно со Катрин Денев, Руперт Еверет и Настасја Кински, во ТВ-минисеријата на Жозе Дајан според „Опасни врски“. Таквиот широк спектар активности и интереси веројатно не би бил можен без исклучителната музичка развиеност комбинирана со долги часови работа од најрана возраст. Виолината отсекогаш била дел од животот на Теди. Тој се запознал со неа на петгодишна возраст благодарение на својот татко, блескав педагог со долгогодишно искуство. Теди напредувал многу брзо, и по само три години настапил со Тиранската филхармонија изведувајќи ги „Airs Bohémiens од Сарасате. На само единаесет години го извел Концертот бр. 1 од Паганини со познатата комплексна каденца на Емил Соре. Албанија со децении била изолирана од остатокот на светот, но кога францускиот флејтист Ален Марион одржал концерт во Тирана, го слушнал младиот виртуоз и веднаш му овозможил стипендија од француската влада да дојде и да се школува во Париз. Така, неговата кариера значително се изменила. Во меѓувреме, тој и неговите родители избегале од Албанија која тогаш била под комунистичка власт и се населиле трајно во Франција; но дома, режимот сурово ги казнил членовите од семејството што останале, санкции кои траеле сè до падот на владата во 1991 година. Пред тој пад, Теди и неговите родители морале да го напуштат Париз за да ги избегнат службениците од албанската амбасада кои ги следеле, па пријателите им помогнале да се преселат близу Бордо. Папаврами освоил неколку значајни меѓународни награди во 1990-тите и започнал блескава солистичка кариера. Настапувал како солист со диригенти како Курт Сандерлинг, Армин Жордан, Емануел Кривин, Франсоа-Гзавие Рот, Тиери Фишер..., на рецитали со музички партнери како Нелсон Горнер, Марта Аргерич, Марија Жоао Пирес, Викторија Мулова, Гери Хофман, Лоренс Пауер..., а зад себе има навистина богата дискографија и за тоа, значајни награди. Се занимава и со транскрипција и неговите транскрипции за соло виолина на 12 сонати од Скарлати и на Фантазијата и фугата BWV 542од Бах (оригинално напишана за оргули) се издадени од издавачката куќа „Ries & Erler“ во Берлин. Често ги изведувал целосните сонати и партити за соло виолина од Ј. С. Бах – репертоар кој му е особено драг. Денес, Теди Папаврами живее во Женева, Швајцарија, каде што работи како професор по виолина на „Haute École de Musique“. Свири на виолина изработена специјално за него од градителот Кристијан Бајон.  

Skip to content