Софи Хајнрих

Од својата четиригодишна возраст, откако почнала да изучува виолина, германската виолинистка Софи Хајнрих е постојано на сцената како солист. Значајни педагози во нејзината кариера се проф. Антје Вајтхас, како и проф. Томас Брандис, кај кого ги завршила постдипломските студии на Универзитетот за музика во Либек и каде што била негов асистент. Дополнителна инспирација за неа биле и имиња како Гидон Кремер, Мидори, Рајнхард Гебел, Изабел ван Кеулен, Квартетот „Артемис“... Добитничка е на награди на повеќе меѓународни натпревари. Во 2008 година, на пример, ја освоила музичката награда „Possehl“ на Ханзиниот град Либек, додека во 2009 го привлекла вниманието како најдобра Германка меѓу последните шест виолинисти во полуфиналето на натпреварот АРД во салата „Херкулес“ во Минхен. Исто така, добитничка е и на важни стипендии, а била и член на Здружението „Live Music Now“ на Јехуди Мењухин. Од 2012 до 2019, Хајнрих била концертмајстор во „Комише Опера Берлин“, а е редовен гостин концертмајстор во оркестри како Баварскиот радио-симфониски оркестар и Баварската државна опера. Од 2019 година е концертмајстор на Виенскиот симфониски оркестар. Настапува активно како солист и камерен музичар и постојано гостува на фестивали низ својата земја, но и во странство. Нејзините многубројни снимки за престижни издавачки и ТВ куќи, ја документираат нејзината врвна професионалнност. Софи Хајнрих е професорка по виолина на Ландес конзерваториумот во Фелдкирх во Австрија и редовно одржува курсеви за камерна музика и за оркестар. Особено е значајна нејзината улога во охрабрувањето на младите жени коишто се или претендираат да бидат на лидерски позиции, за да се стекнат со повеќе храброст и самодоверба. Па така, во 2002 во Финска беше дел од проектот „Води!“ кој се бави со развивање на следните генерации лидери во класиката, како менторка на покана од светски познатиот диригент Јука-Пека Сарасте. Во 2021 година таа го основа ансамблот „Танго 5“: експериментален ансамбл со голема страст за „танго нуево“ на Астор Пјацола. Софи Хајнрих свири на виолина од Антонио Страдивари, од Кремона од 1698 година, од колекцијата на Австриската народна банка.

Skip to content