Skip to content

Нина Костова

Пијанистката Нина Костова музичкото образование го стекнува во Скопје, во класата на реномираните професори од Московскиот конзерваториум „Петар Илич Чајковски“ - Људмила и Борис Романови. Во текот на своето образование, таа е добитничка на бројни награди и признанија и често настапува на европските сцени: Велика Британија, Франција, Италија, Бугарија, Турција... Во периодот од 1991 до 2010 година, учесничка е на сите семинари водени од проф. Борис Романов, организирани од ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“, Музичката младина на Македонија, како и од Музичкото училиште „Добрин Петков“ во Пловдив, Бугарија и музичкото училиште „Војислав Вучковиќ“ од Белград, Србија. Дипломира и магистрира со посебни почести - cum laude, a во 2014 година, ги завршува докторските студии. Нина Костова повеќе пати настапила како солист со Македонската филхармонија, како и со Младинскиот симфониски оркестар „Добрин Петков“ од Пловдив, Камерниот оркестар „Св. Ѓорѓе“, Камерниот оркестар „Московија“, Симфонискиот оркестар на ФМУ... Соработува со значајни диригенти од Македонија и од странство: Саша Николовски-Ѓумар, Александар Лековски, Борјан Цанев, Леонид Николаев, Едуард Грач, Пламен Парванов, Јанко Костелиц. Исто така, одржува бројни настапи во камерни состави и дуа, од кои се издвојуваат настапите во Сараево, Белгија, Италија, Франција и Њујорк, како и настапот на „Охридско лето“ со Квартетот „Хеншел“ од Германија. Моментално работи како вонреден професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Со своите ученици и студенти постигнува огромни успеси, за кои показател се двете признанија од „Карнеги Хол“ за посебен придонес на натпреварот „Американ Продиџи“, како и признанието од Фондацијата „Спиваков“ за посебен придонес на фестивалот „Москва встречает друзја“ во 2013 година. Од 2018 година, Нина Костова е почесен член на Фондацијата „Томислав Зографски“.