Ле Фи Фи
Маестро Фи Фи Ле е роден во Ханој, Виетнам. Во 1986 година дипломира пијано и оркестарско диригирање на Конзерваториумот во Ханој. Благодарение на својот исклучителен талент, по препорака на професорската комисија, го продолжува музичкото образование на Московскиот конзерваториум „П. И. Чајковски“ во Москва, Русија. Во 1993 година станува асистент-диригент во Македонската филхармонија, а по неколку години е именуван за нејзин постојан диригент. Во овој период реализира бројни концерти со оркестарот на Македонската филхармонија, како во Скопје и низ земјата, така и во странство. Долги години соработува и со Хорот и Камерниот оркестар на МРТВ, а од 2000 до 2008 година го раководи Хорот на Македонската опера. Маестро Фи Фи Ле успешно ја претставува својата диригентска дејност и надвор од Македонија, настапувајќи со различни симфониски оркестри, хорски ансамбли, оперски продукции и камерни состави во Русија, Бугарија, Србија, Албанија, Франција, Германија, Италија, Финска, Шведска и други земји. Од 1996 година редовно гостува во Виетнам како диригент на Виетнамскиот национален симфониски оркестар, Националната опера и балет на Виетнам, Ханојскиот симфониски оркестар и Операта и балетот на градот Хо Ши Мин. Од 2002 до 2007 година е постојан гостин-диригент на Нишкиот симфониски оркестар. Од 2000 година работи како професор во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“. Под негово раководство, Камерниот и Симфонискиот оркестар на училиштето учествуваат на реномирани музички фестивали во земјата и странство – меѓу другото, и на Летните олимписки игри во Атина (Грција) во 2004 година, како и во Италија, Германија и други држави. Во 2005 година, маестро Фи Фи Ле ја доби наградата „Слава за Виетнамската нација“, која се доделува на истакнати виетнамски граѓани за нивниот придонес во афирмацијата на Виетнам во светот.
Назад
