Џовани Скарпета
Тромбонистот Џовани Скарпета почнал да учи тромбон со својот чичко и теорија на музика со својот дедо и бил член во Младинскиот симфониски оркестар на Колумбија, каде што свирел седум години како главен тромбонист. Четири години по ред ја добивал наградата за млади изведувачи „Роберто Мантиља“ на Националниот конкурс на Министерството за култура и оттогаш освоил повеќе значајни признанија за неговиот талент. Настапувал како солист со Симфонискиот оркестар на Колумбија, Боготската филхармонија, Националниот симфониски оркестар на Колумбија, Симфонискиот оркестар Санта Фе (Аргентина), Симфонискиот оркестар на Антиокија (Колумбија), Симфонискиот оркестар на Калдас (Колумбија), Оркестарот на Универзитетот во Барселона (Шпанија), Филхармонискиот оркестар на Венецуела, со кој пак, ја имал честа во таа земја да ја изведе премиерата на Концерт на Анри Томаси. Во 1996 година студирал на „Моцартеум“ во Салцбург, Австрија, а во 2010 специјализирал интерпретација на Конзерваториумот Лицеу, Шпанија. Како солист настапувал и во Германија, Австрија, Шпанија, Аргентина, Канада..., но исто така, свирел како соло тромбонист во најголемите оперски и балетски компании во Колумбија. Член е и основач на повеќе камерни брас-ансамбли, а успешна кариера изградил и како педагог. Повеќе од 20 години се посветил на формирање на нови генерации тромбонисти, предавајќи на најпознатите музички факултети во Колумбија. Од 2007 година редовно свири и предава на фестивалот „Тромбонанза“ во Санта Фе, Аргентина. Од 2015 е основач, член и претседател на „Колумбиската асоцијација на тромбонисти“. Бил член на Боготската филхармонија од 1994 до 2003 година како тромбонист и еуфонист, а од 2003 година е водач на групата и главен тромбонист на Националниот симфониски оркестар на Колумбија.
Назад
