Симеон Гошев
Симеон Гошев (2003) е роден во семејство на музичари и со музиката е во контакт од најраното детство. Неговите први музички настапи биле на детски фестивали, каде што пеел како солист и во хор. Во 2009 почнал да учи виолина во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“, во класата на проф. Анна Кондратенко. Своето образование го продолжил најприн во класата на проф. Румен Даимитриев, а потоа кај проф. Јелена Туфекчиевска. Во 2022 година, започнал со студии на Музичката академија во Љубљана, во класата на проф. Јанез Подлеска и асист. Ана Должан. Низ годините, Гошев има освоено награди на многу меѓународни и државни натпревари, како наградата на Фондацијата „Илија Николовски-Луј“ за високи достигнувања во текот на школувањето и Златна плакета и Специјална награда за најдобра изведба на дело од словенечки автор на натпреварот „Темсиг“ (2024). Посетувал семинари и мастер класи кај реномирани професори? Благоја Димчевски, Пачалин Павачи, Никита Борисо-Глебски, Емилио Перцан, Сихана Бадивуку, Вонџи Ким-Озим, Роберт Лакатош, Марко Симовиќ, Владимир Марковиќ, Галина Којчева, Петра Ковачич... Има одржано бројни рецитали низ повеќе градови во Македонија, а годинава (2024) одржа рецитал и во Љубљана во рамките на циклусот на Музичката академија „Соло е да камера“. Во престојната сезона 2024/2025, Гошев ќе настапи заедно со Камерниот оркестар на Словенечката филхармонија. Настапувал како солист со оркестарот на Македонската филхармонија, Камерниот оркестар „Саша Николовски-Ѓумар и оркестарот на ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“. Член е во квартетот „Лаит“ каде што свири прва виолина. Како хонорарен соработник свири во Словенечката филхармонија, Љубљанската опера и балет и Македонската филхармонија. Во 2024 бил дел од концертната турнеја на оркестарот „Ноу Бордерс“. Настапувал и на фестивали како „Охридско лето“, „Скопско лето“, „Фестивал Љубљана“, „Фестивал Равело“... Пијанистката Весна Ангелова-Христов основно и средно музичко образование завршила во Скопје, во класата на проф. Павлина Среброва. На 17 годишна возраст е примена на Факултетот за музичка уметност каде дипломирала пијано со највисока оценка, во класата на проф. Борис Романов. Магистрирала интерпетација на пијано на ФМУ под менторство на реномираната пијанистка и педагог Рита Кинка (Академија на уметности Нови Сад, Р.Србија). Во текот на нејзиното школување, била добитничка на многубројни државни и меѓународни награди и признанија (Србија, Германија), специјална награда и неколку први награди на државните натпревари по пијано и камерна музика. Добитничка е на стипендија за културно дејствување и културен престој во Париз (2008) во Меѓународниот град на уметностите (Cites des Arts Paris). Во 2017 остварила престој во Њујорк, каде реализирала концерт рецитал во Македонскиот културен центар. Учесничка е на Меѓународни мастер класи кај еминентни педагози: Б. Романов, Р. Кинка, А. Диков, Ј. Михаиловиќ, Ј. Клепач. Ангелова-Христов е добитничка на стипендија на Музичката младина на Македонија за учество на Меѓународен мастер клас во Вајкерсхајм, Германија, каде работела со реномирани педагози од оваа област. Настапувала како солист и камерен музичар во Македонија, Србија, Бугарија, Хрватска, Франција, Германија, Турција, Чешка, САД, на домашни и меѓународни фестивали и била повеќе пати солист со Македонската филхармонија. Нејзиниот афинитет кон камерната музика ја насочил кон оформување на пијано трио и пијано дуо,а како пијано соработник најчесто настапува со виолинисти, подржувајќи ги младите музичари на натпревари, семинари и на концертните подиуми. Во моментов работи како професор по пијано и камерна музика во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ во Скопје.