Сајака Шоџи

Подемот на нејзината кариера започнува во 1999 година, откако ја добива првата награда на еден од најважните виолински натпревари – „Паганини“ во Џенова, Италија. Веднаш потоа започнува нејзината плодна соработка со некои од водечките светски диригенти – Зубин Мехта, Лорин Мазел, Семјон Бичков, Јури Темирканов и многу други. Зубин Мехта е еден од најголемите поддржувачи на оваа јапонска виолинистка. Кога во 2000 година ја слушнал како свири на една аудиција, тој веднаш го променил својот распоред на концерти, со цел да ѝ овозможи на Шоџи да ја направи својата прва аудиоснимка со Израелскиот симфониски оркестар, а истовремено ја повикува и да настапи со Државниот оркестар на Баварија и Симфонискиот оркестар на Лос Анџелес, покана која Шоџи без размислување ја прифаќа. Нејзината уметничка уникатност и разновидниот обемен репертоар ја носи и пред други реномирани оркестри денес – Лондонскиот симфониски оркестар, Берлинската филхармонија, Њујоршката филхармонија, Оркестарот на Националната академија на Санта Чечилија, Чешката филхармонија... Покрај тоа, Сајака Шоџи редовно одржува и рецитали, но и камерни концерти заедно со Вадим Репин, Ланг Ланг, Итамар Голан, Јефим Бронфман и Стивен Исерлис. Во меѓувреме наоѓа и простор за учество во повеќе фестивали во Европа и во Јапонија. Настрана од големиот број концертни активности, Шоџи во 2007 година го претставува експерименталниот визуелно-музички проект „Синтезија“, ликовни уметнички дела и видеодела. Љубовта кон визуелната уметност на оваа виолинистка доаѓа директно од нејзиното семејство, односно од нејзината мајка, која била позната сликарка во Италија. „Мајка ми беше уметник и јас отсекогаш сум била заинтересирана за визуелната уметност и нејзината релација со музиката – секако, почнувајќи од операта, бидејќи растев во Италија. На 17-годишна возраст забележав дека кога и да свирам или да слушам музика, јас си создавам слики во мојата глава. Така почнав да се интересирам на темата на синестезијата, состојба во која едно сетило се перципира како друго сетило – во мојот случај, јас ги препознавам звуците преку видот“, вели Шоџи. За тоа како е прифатен овој проект од публиката, таа вели: „Ова искуство е сосема ново за слушателите и секогаш им треба малку дообјаснување. Тие на почеток воопшто не помислуваат дека сликите се направени од моја страна, затоа што тоа досега изведувачите не го правеле“. Соработката со познатата германска издавачка куќа Deutsche Grammophon резултира со 11 звучни записи. На нив може да се најдат некои од најзначајните виолински концерти од Прокофјев, Сибелиус и Бетовен, снимени со Филхармонискиот оркестар на Санкт Петерсбург, под диригентската палка на Јури Темирканов. Значаен е и аудиозаписот со сите Бетовенови сонати, направен заедно со пијанистот Џанлука Качиоли. Сајака Шоџи е добитник на Mainichi Art Award во 2016 година, која е една од најпрестижните јапонски награди, а се доделува на оние кои оствариле значајни достигнувања на полето на уметноста. Во 2012 година пак, издавачката куќа Nikkei Business Publications ја вбројува во листата на „Идните 100 највлијателни луѓе за Јапонија“.

Skip to content