Рено Гарсија Фонс
Без сомнение, тој е еден од најдобрите контрабасисти во светот. Рено Гарсија Фонс е уметникот (1962, Франција) кој на инструментот му наметна поинаков статус, кој му даде различен пристап на интерпретација. Зад него се околу петнаесет студиски албуми, претежно издадени за реномираната куќа „Енја рекордс“, соработки со врвни музичари особено од сферата на џез-музиката, настапи ширум светот со џез-анасамбли и симфониски оркестри. Контрабас почнал да учи на 16 години, иако пред тоа се образувал на пијано и класична гитара. Но, љубовта и љубопитноста кон контрабасот ќе го одведат на Конзерваториумот во Париз каде што негов ментор бил исклучителниот Франсоа Рабат кој му извршил силно влијание врз понатамошната кариера. И самиот вели дека репертоарот за контрабас, во споредба со делата создавани за други инструменти, е скуден. Токму затоа, Рено Гарсија Фонс одлучил да се занимава и со композиција, а преку неговите дела овој инструмент го зацврстува статусот на соло-инструмент. Неговите творби претежно се создадени за поголеми ансамбли за да придонесе, како што и самиот вели, за поголема афирмација на контрабасот и развој во оркестарската музика. Она по што Гарсија Фонс е препознатлив и се издвојува од другите, е звучењето на неговиот инструмент – во негови раце, како да слушаме гитара или лаута со разновидни бои. Вели дека неговиот интерес за т.н. „ворлд мјузик“ сцена всушност, му го наметнал и начинот на изведба, како и неговата потреба да ги истражува можностите на инструментот.