Рафаел Агире
Рафаел Агире денес е еден од најбараните гитаристи, кој има освоено 13 први награди на значајни натпревари и настапувано во над 40 земји како солист. Минатата сезона реализираше турнеја во САД, меѓудругото и во „Карнеги Хол“ во Њујорк, но дебитираше и во Кина, а настапи и со Прашката филхармонија, со Филхармонијата на Монте Карло, Националниот оркестар на Шпанија, премиерно изведивајќи го Концертот за гитара од познатиот современ композитор Јоан Валент. Секако, во неговата досегашна концертна кариера се вбројуваат настапи и во „Концертгебау“ во Амстердам, Фестивалот „Вербие“, „Чајковски“ во Москва, во Филхармонијата Елб во Хамбург, Кралскиот театар во Мадрид итн., а настапувал и со музичари од Берлинската филхармонија, пијанистот Ланг Ланг, сопранот Фатма Саид..., што е доволен репер на кое ниво е овој славен уметник. Рафаел Агире е посветен на проширување на репертоарот на инструментот што го свири, па така соработува со многу живи композитори кои пишуваат специјални дела за него, вклучувајќи и фламенко, шпанска популарна, латино-американска, поп и филмска музика. Неговиот прв албум е рецитал издаден за RTVE Musica, а со германската издавачка куќа KSGExaudio издаде албум со дела од Бах, Скарлати, Менделсон, Шуман, Дебиси, Равел и Гршвин, транскрибирани за гитара. Соработува со врвната виолончелиста Надеж Роша со која го издаде „ La Vida Breve“ за Ars Produktion. Значајна е неговата изведба на светската премиера на делото „Fulgores“ од Лоренцо Паоломо, за издавачката куќа Naxos, а скоро за Warner Classics издаде албум со сопранот Фатма Саид. Агире добива фантастични критики за неговите изведби, а исто така беше и номиниран за латинското „Греми“. Своето оркестарско деби го направил на само 16 години со Младинскиот оркестар на Малага на турнеја во Шпанија и Мароко. Студирал во Германија во Бон и во Дизелдорф, како и на Кралската академија во Лондон. Во моментов живее во Мадрид.