Наде Талевска
Младата оперска уметница Нада Талевска-Спасовска веќе сигурно чекори на оперската сцена во Македонија. Со изразит вокален и сценски израз, таа полека но сигурно се наметнува како еден од најнадежните оперски солисти. Талевска дипломира и магистрира на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на проф. Марија Муратовска – Наумовска, и во текот на своите студентски денови бележи многубројни настапи и учества на семинари и натпревари, каде се стекнува со награди и признанија. Како студент учествува во претставите „Кармина Бурана“ и „Аида“, а во 2009 година ја забележува својата прва позначајна улога како Кралицата на ноќта во детската продукција на „Волшебната флејта“ од Моцарт. Во 2011 година дебитира како солист во МОБ во „Кармина Бурана“ на Карл Орф и Џилда во операта „Риголето“ од Верди. Од тогаш Талевска ја гради својата кариера како истакнат солист во Македонската опера и балет, носител на главни улоги како насловната Лучиа во “Лучиа од Ламермур”, Виолета во “Травиата”, Олимпија во "Хофмановите приказни”, Музета во “Боеми” и т.н. Настапува на многубројни концерти и опери како во земјава, така и на интернационално ниво.