Мила Јаневска

Мила Јаневска-сопран е родена во Скопје во 1996 година. Во 2015 година го завршува средното музичко училиште ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“, во класата по соло пеење на проф. м-р Александра Коцевска.Во текот на своето школување во ова училиште Мила има бројни настапи во државата и во соседните држави, а како позначаен се издвојува настапот како солист со Македонската филхармонија во 2014 година. Во 2015 година е примена на додипломски студии по оперско пеење во класата на познатиот сопран проф.Габриеле Лехнер, на престижниот Универзитет за музика и сценски уметности во Виена, Австрија, кој е еден од најдобрите универзитети во светски рамки, во областа на музиката. Во 2020 година дипломира и истата година, Мила го положи приемниот испит за мастер студии на овој универзитет, на отсекот вокални изведби во класата на проф.Габриеле Лехнер, а од 2022 година студирањето го продолжи во класата на светските уметници проф. Красимира Стојанова (во областа на операта) и проф.Ангелика Кирхшлагер (во областа Lied-песна и ораториум, т.е. концертно пеење).Во 2024 година, Мила го положи магистерскииот испит со највисоко признание. Во текот на изминатите години Мила Јаневска има настапувано во неколку опери, „Ивица и Марица“ во улогата на мајката сезона 2017/18/19/21 и во улогата на вештерката во 2024 година, „Волшебната флејта“ во улогата на втора дама во 2018 година, на летниот фестивал JOPERA со главна улога во детската продукција на операта „Алчина“ во 2019 година и дебитира во улогата на Елетра во Моцартовата опера „Идоменео“, во театарот Schlosstheater Schönbrunn во Виена, Австрија, во 2023 година. Како најзначен успех се издвојува настапот на најпознатиот фестивал за оперети во светски рамки Seefestspiele Moerbisch, во оперетата „Грофицата Марица“ во улогата на Мања, во текот на јули/август 2018 година, на кој се одржале 22 изведби, секојпат со околу 6.500 посетители во публика). Од други настапи се издвојуваат концертот во Санкт Петерсбург, Русија, во 2019 година, изведбата на сопран солото во Моцартовиот реквием заедно со Филхармонијата при Универзитетот Виена, во 2021 година. Во 2022 година ја има честа да биде дел од проектот „Шубертиаде“, организиран од светскиот тенор Михаел Шаде и диригентот Стефан Готфрид. Во 2021 година е избрана да учествува на мастер класа на еден од најдобрите баритони во светот, оперската ѕвезда Томас Хемпсон, каде настапува на завршниот концерт во Филхармонијата во Линц, Австрија (Brucknerhaus) под името „Томас Хемпсон и неговите ученици’’. Во октомври 2024 година Мила дебитира во Индија како претставник од Австрија, на покана од австрискиот културен форум, каде што го одржува нејзиниот четврти солистички концерт,но прв интернационален, во престижната сала „Тата театар” во Мумбаи. Во Њу Делхи ја одржува и својата прва мастер класа, а има и солистички концерт во „Кристалната сала” во Дака, Бангладеш. Во Македонија Мила има одржано два солистички концерти, во јуни 2015 година во Музејот на Град Скопје и декември 2018 година во малата сала на Македонската филхармонија. Во јули 2019 година настапува со свој солистички рецитал во црквата Св. Софија во Охрид на Подиумот на млади во рамки на Фестивалот Охридско лето. Мила Јаневска има освоено многу први места и признанија за лауреат на престижни музички фестивали и натпревари во нашата земја и странство. Во моментов редовно настапува како солист со различни оркестри (Wiener Kaiserorchester, Wiener Barockorchster, Salonorchester Alt-Wien) во многу познати концертни сали во Виена.

Skip to content