Мидори

Американската виолинистка по потекло од Јапонија, Мидори (1971), се смета за една од највиртуозните уметници на новата генерација класични уметници. Минатата 2014/2015 концертна сезона Мидори беше дел од светската премиера на новото дело „Оскар“ на современиот австриски композитор Јоханес Марија Штауд, на фестивалот во Луцерн, како и во „Концертхаус“ во Виена, настан кој привлече огромно внимание. Мидори досега има реализирано голем број на снимки на капитални дела за виолина, меѓу нив и најновата - соло сонатите и партитите од Бах. На фестивалот во Луцерн, Мидори го добива епитетот „уметник ѕвезда“ и таа постојано е дел од светските премиери на новите дела. Изведува композиции од Пендерецки, Хајла, Шчедрин, Штауд, Раутавара...
Меѓу светските музички кругови, Мидори е позната како фасцинантен изведувач, но и како талентиран едукатор и иновативен активист. Во 2012 година ја доби престижната „Кристал“ награда на Светскиот економски форум во Давос, беше избрана за член на Американската академија на науките и уметностите и и беше доделена титулата почесен доктор на музика на Универзитетот во Јеил. Во 2007 година, беше прогласена за „гласник на мирот“ од страна на генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун. Именувана е за почитуван професор по музика на Универзитетот во Јужна Калифорнија и Мидори всушност, огромно внимание посветува на процесот на едукација на младите. Токму со таа цел ќе ја формира непрофитната организација „Мидори и пријателите“ преку која овозможува музичко образование за децата во Њујорк и во Јапонија.
Родена е во Осака, а виолина почнала да учи со нејзината мајка на мошне рана возраст. Маестро Зубин Мехта ќе ја слушне во 1982 година и воодушевен од нејзината изведба ќе ја покани да го направи своето деби на само 11 години на традиционалниот Новогодишен концерт на Њујоршката филхармонија. Тогаш ќе започне и нејзината голема кариера. Денес Мидори живее во Лос Анџелес. Зад себе има завидна кариера, но и завидна дискографија. Има диплома и за магистер по психологија на Универзитетот во Њујорк.

Успешно се претплативте на нашиот билтен

Имаше грешка при вашето испраќање. Ве молиме обидете се повторно

Филхармонија will use the information you provide on this form to be in touch with you and to provide updates and marketing.
Skip to content