Кирил Трусов
Поддржан и воден од славниот виолинист и диригент Сер Јехуди Мењухин, Кирил Трусов денеска важи за еден од водечките виолинисти на неговата генерација. Интернационалната јавност неговата изведба ја опишува како „импресивно елегантна, со неверојатна техника и исклучително чувство и музичка сензуалност да ја извлече скриената убавина на делата што ги свири...“ Кирил Трусов е редовен гостин на престижните светски сцени и на најпознатите музички фестивали. Соработувал со познати диригенти како Сер Невил Маринер, Владимир Федосејев, Даниеле Гати, Лоренс Фостер, Михаил Јуровски, Дејвид Стерн, Кристоф Попен, Владимир Спиваков, како и со најдобрите симфониски оркестри во светот. Неговата пасија кон камерното музицирање му носи соработки со уметници како Сол Габета, Јуџа Ванг, Даниел Хоуп, Џошуа Бел, Јури Башмет, Миша Мајски, Џулијан Рахлин... Неговата турнеја низ Азија, спектакулрната изведба на “Би-Би-Си Промс“, како и неговата активност во жиријата на најпознатите музички натпревари се само некои од најзначајните активности на Трусов во последните неколку сезони. Кирил Трусов свири на виолина „Бродски“ изработена од Антонио Страдивари во 1702 година, на која познатиот виолинист Адолф Бродски премиерно го извел Виолинскиот концерт на П.И.Чајковски во 1881 година.