Иван Наумовски

Иван Наумовски е македонски бас-баритон и доцент по соло пеење на Факултетот за музичка уметност при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Дипломирал соло пеење во 2013 година со највисоки почести (cum laude). Постдипломските студии ги продолжува во Австрија, каде во 2016 година магистрира со одличен успех (Auszeichnung) на Универзитет за музика и изведувачки уметности- Грац, на отсекот Musiktheater. Во 2021 година завршува и вторите мастер студии (Master of Arts) со највисока оценка во областа Lied und Oratorium на Универзитет за музика и изведувачки уметности – Виена. Наумовски остварува богата и континуирана меѓународна кариера, настапувајќи на значајни концертни и оперски сцени во Македонија, Австрија, Соединетите Американски Држави, Германија, Франција, Италија, Чешка, Норвешка, Србија и др.. Редовно настапува со оркестрите на Македонската филхармонија, Македонската опера и балет и, како и со бројни европски оркестри, меѓу кои и Дунавска филхармонија. Учествувал на реномирани меѓународни фестивали како „Les Musicales de Quiberon“ (Франција) и „Musikfestspiele“ (Германија, Чешка, Австрија), како и на најзначајните домашни фестивали: Охридско лето, Мајски оперски вечери, Интерфест, Скопско лето и Есенски музички свечености. Своето оперско деби го остварува во Опера Грац, настапувајќи во продукции од класичниот и современиот репертоар, а во 2016 година дебитира во Македонската опера и балет во насловната улога во операта Евгениј Онегин. Неговиот оперски репертоар опфаќа бројни водечки улоги, меѓу кои Фигаро, Папагено, Дон Фернандо, Дандини, Малатеста, Гуљелмо, виконт Каскада и Мазето. Покрај оперската кариера, особено е активен и на концертната сцена, со изразен афинитет кон Lied, ораториумот и камерната музика, како и кон авторски рецитални проекти. Во текот на својата кариера соработувал со истакнати диригенти и уметници од меѓународен углед, меѓу кои Симон Трпчески, Јоханес Вилднер, Јерухам Шаровски, Емил Табаков, Ервин Ортнер, Паскал Галоа, Саша Николовски-Ѓумар, Бисера Чадловска, Ева Линд, Винценц Праксмарер и други. Добитник е на повеќе награди и престижни меѓународни стипендии, меѓу кои наградата „Виртуози“ за најдобар млад уметник, како и стипендиите „Best of South East“ и „AIMS“. Се усовршувал на мајсторски курсеви кај врвни педагози како Карлхајнц Ханзер, Габриеле Фонтана, Ангелика Кирхшлагер, Бригит Фасбендер, Криста Лудвиг, Габриеле Лехнер, Том Сол и Хелена Лазарска. Во 2025 година го остварува своето деби во Златната сала на Музикферајн во Виена, настапувајќи со оркестарот „Карл Михаел Цирер“ под диригентската палка на маестро Јоханес Вилднер, во една од најпрестижните концертни сали во светот.  

Skip to content