Естер Ју
Естер Ју е исклучителна американска виолинистка која го привлече вниманието на музичката јавност во 2010 година кога стана најмлад добитник на интернационалниот виолински натпревар „Сибелиус“. Во 2012 година беше една од најмладите лауреати на натпреварот „Кралица Елизабета“. Од 2014 до 2106 година беше „Уметник на новата генерација“ на Би-Би-Си, и првиот резидент уметник во Кралскиот филхармониски оркестар. Критиката ја опишува нејзината изведба како неверојатно моќна и драматична. Естер Ју е исклучително софистицирана и интелигентна виолинистка со препознатлив стил на изведба. Почнала да свири виолина на пет години. „Мојата баба беше пијанистка, но и целото мое семејство сакаше класична музика. Израснав слушајќи различен тип музика уште од бебе. Раните години од детството ги поминав во Њу Џерси, во дел кој е многу блиску до Њујорк, а моите родители ме носеа на извонредни концерти во ‘Карнеги Хол’ и ‘Линколн Центар’ уште кога имав три години. Седев мирна на овие концерти, маѓепсана од музиката и од она што се случуваше на сцена. Првиот инструмент на кој почнав да свирам беше пијано, кога имав четири години, но набргу потоа посакав да свирам виолина инспирирана од виолинистите кои ги слушав на концертите на кои одев како дете. Бев многу срамежлива како мала, а свирењето виолина ми помагаше да изразам емоции во ‘сигурна зона’“, вели Естер Ју. Оваа значајна виолинистка вели дека маестро Лорин Мазел бил една од нејзините најголеми инспирации. „Имав среќа да запознаам и да работам со легендарни музичари кои ми беа најголема инспирација. Маестро Лорин Мазел ми беше голем ментор, тој ме запозна и ме научи како да се носам со предизвиците кои одат рака под рака со музичкиот живот. Маестро Владимир Ашкенази со кого имав можност да снимам два албуми и да свирам на неколку концерти ме научи како да создавам музика и да бидам позитивна и да се забавувам на сцена. Маестро Еса-Пека Салонен е исто така важен во развивањето на мојата музичка визија. Со него имав турнеја и тој ми покажа нови патишта на звукот за кои не бев свесна дека постојат. Генерално најмногу се инспирирам кога директно контактирам со луѓе – без разлика дали разменувам идеи со некој голем диригент, свирам камерна музика со исклучителни колеги, или влегувам во страстни дискусии со луѓе кои немаат допирна точка со музиката“, вели Ју. Според неа, постојат многу предизвици со кои се соочува еден виолинист, музичар воопшто. „Тоа се предизвици за кои не не’ учат, ниту подготвуваат за време на музичката едукација. Еден од тие предизвици е како да се носиш со емоциите. Секој музичар е како на луда железница од емоции дека свири. И тоа се случува за многу кратко време, што од една страна е привилегија, но од друга страна понекогаш е вистина тешко да се носиш со тие емоции. Може да си на турнеја со оркестар кој има повеќе од 200 луѓе, да свириш секоја вечер, да запознаваш нови луѓе, да одиш во различни градови, да чувстуваш различни емоции, да запознаваш луѓе од публиката после секој концерт... И кога ќе заврши турнејата се’ исчезнува, и тогаш се чувствуваш празно... Ова е само еден пример. Кога првпат почнав да свирам во различни земји низ цел свет, контрастот на емоциите беше премногу силен за мене и ми беше тешко да се справам со тоа... Тука се и различните работи со кои се среќавав кои немаат музички контекст. Еднаш еден продуцент буквално ми ја тресна вратата зошто сум била млада азијатка... Сепак, и покрај негативните аспекти од оваа работа, креирањето музика е она што останува, те исполнува и ги брише сите лоши работи кои попат ги среќаваме“, вели Естер Ју. Омилени композитори и се Бах и Шостакович. „Можам да ги слушам и свирам со часови“, вели Естер Ју. Според неа дефинцијата за успех е различна за секој и сите имаат свое толкување на среќата. „Моментално, успех за мене е што можам да се изразам себеси преку музиката, да го споделам тоа искуство со публиката и да создадам бесценети спомени. Оддамна го исфрлив зборот совршено од се’. И без тоа е тешко да најдеш среќа, уште совршена среќа, мислам дека такво нешто не постои. Среќа за мене е да го работам она што го сакам, да ја ширам љубовта, да се чувствувам комотно и убаво со својата кожа“, вели познатата американска виолинистка.