Драган Ѓорѓевиќ
Критиката ќе каже дека Драган Ѓорѓевиќ е една од најоригиналните уметнички појави на неговата генерација. Тој е признат за амбасадор на српската школа за виолончело, основач е на ансамблот „Вива виолончело“, на фестивалот „Равенелиус“, ко-основач на квартетот „Рубикон“ и програмски директор на „Виолончело фест“ во Белград. Во музичкиот свет, Ѓорѓевиќ влегол на шест годишна возраст, свирејќи виолина во училиште за музички надарени деца во неговиот роден град Чуприја, а две години подоцна почнал да изучува виолончело. По студиите во Белград на Факултетот за музичка уметност во класата на проф. Сандра Белиќ, образованието го продолжил на Гилдхал школата за музика и драма во Лондон во класата на проф. Стефан Попов. По Лондон, Ѓорѓевиќ се запознал со корејскиот виолончелист Јанг Чанг Чо, кога продолжил да студира на Школата за музика во Есен, Германија. Уште како млад бил назначен да биде професор по виолончело на ФМУ во Белград, време кое го означил и како период да учи со славните виолончелисти како Миша Мајски, Тобијас Кун, Давид Такено итн. Добитник е на специјални награди на разни натпревари во Белград, а како солист настапувал во Велика Британија, Германија, Холандија, Шведска, САД, Русија, Белгија, Кина, Швајцарија, Франција, Норвешка, Јужна Кореја..., на истакнати меѓународни музички фестивали како Би-би-си Промс, „Георг Енеску“, „Охридско лето“, „Челисимо“, БЕМУС... Соработувал со уметници како Џулијан Рахлин, Итамар Голан, Емил Табаков, Клеменс Шулд, Немања Радуловиќ, Роман Симовиќ, Џон Адамс... Почнувајќи од 2011 година, на покана на славниот маестро Валери Гергиев, да свири како главен гостин виолончелист на Симфонискиот оркестар на театарот „Марински“, ја освоил наградата на Загрепски концертен менаџмент, му бил понуден и рецитал во новата концертна сала на „Марински“ во Санкт Петербург, како и деби со квартетот „Рубикон“ на Лондонскиот фестивал. И покрај тоа што е редовен професор по виолончело на ФМУ во Белград, одржува мастер класи во Кина, Шведска, Бугарија, Романија, Словенија... Свири на виолончело направено од Џејмс и Хенри Бенкс во 1797 година.