Дешира Амети-Крлиу

  Дешира Амети-Крлиу, родена во Дебар, Република Северна Македонија, е реномирана оперска пејачка со богата изведувачка кариера и настапи на значајни меѓународни сцени. Со својата вокална изразност, музикалност и впечатливо сценско присуство, таа остварува интерпретации што оставаат силен впечаток кај публиката. Во 1998 година дипломирала на Академијата за музички уметности во Тирана, Република Албанија, а во 2012 година магистрирала на Факултетот за музичка уметност во Скопје. По завршувањето на студиите, станала дел од Националната опера. Нејзиното оперско деби го остварила во 2005 година, во улогата на Микаела во операта „Кармен“ од Бизе. Во нејзиниот репертоар се вбројуваат и улогите на Памина во „Волшебната флејта“ од Моцарт, Неда во „Паљачи“ од Леонкавало, Сантуца во „Кавалерија рустикана“ од Маскањи, Лиу во „Турандот“ од Пучини, Леонора во „Моќта на судбината“ од Верди, Антонија во „Хофманови приказни“ од Офенбах и Дона Ана во „Дон Џовани“ од Моцарт. На сцената на Националната опера на Албанија ја толкувала улогата на Доника во операта „Скендербег“ од Пранк Јакова. Во 2011 година, улогата на Микаела во „Кармен“ ја извела и во Театарот „Алигиери“ во Равена, Италија. Покрај оперските улоги, Амети-Крлиу остварува бројни концертни и камерни настапи, вклучително и во трио состав со обоа и пијано. Меѓу позначајните концертни ангажмани се издвојуваат настапите со реномираната оперска уметница Инва Мула во Торонто и Монтреал, Канада, како и концертите со Радио-телевизискиот оркестар во Тирана, Оркестарот на Националната опера на Албанија и Македонската филхармонија во 2016 година. Нејзината меѓународна концертна дејност ја вклучува и настапот на фестивалот „Охридско лето“ во 2019 година, заедно со Инва Мула. Во САД настапувала во престижните концертни простори „Карнеги хол“ и „Линколн центар“ во Њујорк, со оркестарот NY Lyric Orchestra и Источниот симфониски оркестар. Остварила успешни концертни настапи и соработки и во Германија, меѓу другото во Хамбург и Берлин, како и во Сплит, Хрватска, и во други европски и светски градови.

Skip to content