Давид Хрикули

Роден во Грузија, во 2001 година, пијанистот Давид Хрикули се издвојува како еден од најперспективните уметници од својата генерација. Студира кај Станислав Јуденич на Високата школа за музика „Кралица Софија“ во Мадрид, каде што претходно се усовршувал кај Галина Егуиазарова. Во моментов студира во рамките на Пијано-катедрата „Banco Santander“ и е стипендист на Фондацијата „Хаиме Кастељанос“ и на Фондацијата „Албениц“. Во 2022 година ја добива Дипломата за најистакнат студент на својата катедра, која му ја врачува Нејзиното Височество кралицата Софија. Хрикули беше финалист на Меѓународниот пијано-натпревар „Шопен“ во 2025 година, каде што неговите настапи привлекоа исклучително внимание и кај жирито и кај публиката, стекнувајќи признание што ги надмина конечните резултати од натпреварот. Добитник на награди на бројни меѓународни натпревари, Хрикиули ја освои првата награда на Меѓународниот натпревар за пијано и оркестар во Канту, Италија, во 2024 година, како и првата награда и Наградата на публиката на Меѓународниот пијано-натпревар во Виго, Шпанија. Меѓу неговите претходни признанија се издвојуваат првата награда и специјалната награда на Меѓународниот натпревар во Архус, Данска; првата награда на Националниот пијано-натпревар „Шопен“ во Тбилиси, Грузија; како и награди на Меѓународниот телевизиски натпревар „Оревокршачка“ во Русија, „Astana Piano Passion“ во Казахстан и Меѓународниот натпревар за млади пијанисти „Артур Рубинштајн“ во Кина. Хрикули започнал да изучува пијано на осумгодишна возраст во Централното музичко училиште за талентирани деца „Закарија Палијашвили“ во Тбилиси, а подоцна го продолжил своето музичко образование кај Реваз Тавадзе. Учествувал на мајсторски курсеви со еминентни пијанисти, меѓу кои Арие Варди, Нелсон Фреире, Елизабет Леонскаја, Роберт Левин и Андраш Шиф, како и со други истакнати музичари. Како солист настапувал со Грузиската филхармонија, Израелската камерна филхармонија и Израелската филхармонија, како и со Московската филхармонија, а одржувал и солистички рецитали и концерти на камерна музика низ Европа. Како студент на Високата школа за музика „Кралица Софија“, учествувал во концертната серија „La Generación Ascendente“ во Мадрид и во „AIEnRUTa-Clásicos“ во Албасете. Бил и член на ансамблите „Schumann Trio“, „Ravel Duo“ и „Austrias Trio“. Неговата неодамнешна уметничка активност го однесе на турнеја во Полска, каде што настапи во Торун, Краков и Познањ, како и со Полскиот национален радиосимфониски оркестар, Националниот форум за музика во Вроцлав и Краковската филхармонија. Во периодот што следува, Хрикули ќе настапи во Националниот аудиториум за музика во Мадрид, повторно ќе гостува на Мајорка, а ќе го има и својот дебитантски настап во Берлин.  

Skip to content