Габриел Фелц
Габриел Фелц е шеф-диригент на Белградската филхармонија од сезоната 2017/18 година. Од 2013 година работи и како генерален музички директор на Дортмундската опера и шеф-диригент на Филхармонијата во Дортмунд. По три многу успешни години, договорот му е обновен до 2023 година. Со необичните програми и забележливото подобрување на уметничкиот квалитет, успеа знајачно да ја зголеми посетеноста на концертите на сите овие оркестри. Габриел Фелц е роден во 1971 година во Берлин. Од 1989 до 1994 година, студирал на Музичката академија „Ханс Ајзлер“ во Берлин, на одделите за диригирање и пијано. По студиите, станал асистент на Герд Албрехт во Хамбуршката државна опера (1994 – 1995). Своите први ангажмани ги добил во операта во Либек (1995 – 1997) и во театарот во Бремен (1997 – 2001). Габриел Фелц диригирал со водечките оркестри во Германија, како што се Дрезденскиот државен оркестар на Саксонија, Симфонискиот оркестар на Баварската радио-телевизија, Баварскиот државен оркестар, Германскиот симфониски оркестар од Берлин, оркестарот „Концертхаус“ од Берлин, оркестарот на Франкфуртската опера и музеј, Државната капела од Вајмар, оркестарот „Гирцених“ од Келн, оркестарот на Националниот театар од Манхајм, Бамбершките симфоничари, Филхармонијата на Есен, симфониските оркестри на радио-телевизиите од Берлин, Келн, Лајпциг, Хановер... Диригирал со Симфонискиот оркестар на Виенското радио, Данскиот национален симфониски оркестар, оркестарот на Фламанската опера во Антверпен, Ирскиот национален симфониски оркестар, Кинескиот национален симфониски оркестар... Богатата дискографија го прави еден од најистакнатите диригенти на својата генерација. Неговиот репертоар опфаќа дела од Моцарт и Бетовен преку Рахмањинов, Елгар, Прокофјев, Скрјабин и Рихард Штраус до Ноно и Лигети. Снимката на сите симфонии од Малер (за продуцентската куќа Dreyer-Gaido) кои Фелц ги реализира со Филхармонијата на Штутгард беа оценети од критичарите како „најнеобичен и најконтроверзен циклус во последните години“.