Виктор Митревски
Виктор Митревски роден во Скопје 1987 година потекнува од музичка фамилија. На седумгодишна возраст започнува со часови по виолина. После успешниот матурски концерт во кој првиот дел свири на виолина, а во вториот пијано, во 2005 година започнува со студии по оркестарско диригирање на универзитетот Св. Кирил и Методиј во класата на Саша Николовски-Ѓумар. Во 2016 година, ги завршува студиите по хорско диригирање на престижниот Универзитет за музика и применета уметност во Виена, во класата на Ервин Ортнер. Следната година дипломира и оркестарско диригирање на истиот универзитет во класата на проф. Симеон Пиронков и Урош Лајовиц со концерт со Словачката Филхармонија. За време на студиите е активен учесник на неколку семинари со познати диригенти како Фабио Луизи, Симоне Јанг, Бертранд де Били, Јоханес Шефли и др. Во 2012 дебитира во Македонската Опера и Балет со Аптекарот од Јозеф Хајдн, во 2014 диригира со Балтичката Филхармонија во Гданск, Полска. 2017 година следува успешното деби во Виена и тоа во Theater an der Wien со експерименталниот проект Wir befreien Eurydike (ја ослободуваме Еуридиче). Истата година стапува во соработка со еден од најталентираните млади диригенти во Австрија, Рафаел Шлусенберг со кој што ја поставуваат операта Дон Џовани во Ваидхофен ан дер Ибс, за потоа следната година истата биде изведена и во Виена. Веднаш потоа ја диригира Грабнување од сарајот и Свадбата на Фигаро . Во 2019 следи дебито со Македонската Филхармонија, една година подоцна диригира и со Скопски Солисти. Во 2020 е асистент диригент на Лео Хусеин во изведбата на светската премиера Хамлет на Јозеф Самер во Русе, Бугарија. Денес, Виктор Митревски работи во Theater an der Wien во тесна соработка со хорот Арнолд Шенберг.