Васко Дуковски
Васко Дуковски е македонски кларинетист, композитор и педагог од исклучителен светски уметнички калибар. Настапува во големите концертни сали во светот, од Њујорк до Шангај. Како истакнат педагог, Дуковски моментално е Специјално назначен професор по кларинет на Универзитетот за уметности во Нанџинг (Nanjing University of Arts) во Кина. Предавал на Квинс Колеџ (Queens College), Џулијард (The Juilliard School), на Летниот камп Усдан (USDAN) и е чест гостинуметник на многубројни меѓународни фестивали, одржувајќи и бројни мастер часови и предавања. Како динамичен изведувач, композитор и импровизатор, Дуковски е страстен застапник на современата и експерименталната музика. Соработувал со водечки њујоршки ансамбли, како што се International Contemporary Ensemble (ICE), Bang on a Can All-Stars, Either/Or Ensemble, Ensemble Echappe, Talea Ensemble, Wet Ink, Metropolis Ensemble и Греми наградениот Attacca Quartet, како и со оркестри како The Knights, Финикс симфонискиот оркестар, Сучоу симфонискиот оркестар... Неговите виртуозни интерпретации му донеле соработки со видни имиња како: Џон Адамс, Хелмут Лахенман, Георг Фридрих Хаас, Елиот Картер, Џорџ Луис, Џон Кориљано, Ду Јун, Џералд Коен, Џонатан До, Мајкл Жарел, Рафаел Сендо, Џон Зорн, Јанку Думитреску, Чинг Вен Чен и други. Дуковски има изведено преку 300 светски премиери на нови дела од кои многу од нив се специјално компонирани и инспирирани од неговата виртуозност. Покрај класичната музика, Дуковски ги истражува и џезот, поп-музиката, електронските и експерименталните жанрови, настапувајќи со уметници како Џон Батист, Џејкоб Колиер, Гледис Најт, Стив Колман, Стефан Марли и Марсел Халифе. Како основач и уметнички директор на Тавче Гравче, тој ги истражува богатите традиции на балканската и сефардската музика, продуцирајќи ги афирмираните албуми Наше Село (Our Village) и Звучно опрашување (Sonic Pollination). Како солист, Дуковски премиерно настапил во Њујорк со New Juilliard Ensemble, а има настапувано и со Македонската филхармонија, ансамблот Ешапе (Echappe Ensemble), Шангајската Нова – Симфониета, Камерниот ансамбл Џангсу, ансамблот Мизен (Mi-SEN Ensemble), ансамблот LPR, освојувајќи ја публиката со изведби на концерти од Копланд, Моцарт, Вебер, Елиот Картер, Мајкл Жарел, Оскар Наваро... Неговите композиции ги премостуваат концертните сали и уметничките галерии, со звучни инсталации изложени во Националната галерија на Македонија и на Пенсилванската академија за ликовни уметности (PAFA) во Филаделфија. Неговите дела ги изведуваат ансамбли низ целиот свет, како Metropolis Ensemble и Either/Or, а неодамна негови дела беа изведени на фестивалот (Washington Square Music Festival) во Њујорк, Милер Театарот при Универзитетот Колумбија и меѓународниот фестивал „Нова Докта“ (New Docta) во Аргентина. Како наградуван уметник, Дуковски е прогласен за „Истакнат странски експерт“ (Универзитет за уметности Нанџинг, 2022) и е признат од Американскиот синдикат на млади музичари за неговата педагошка работа. Добитник е на наградата „40 успешни Македонци под 40 години“ (Обединета македонска дијаспора, 2015) и има освоено многубројни награди на натпревари, вклучувајќи ги натпреварот за камерна музика „Аријага“, натпреварот за кларинет „Андреас Макрис“ во Букурешт. Со над 30 албумски снимки за издавачи како Naxos, Deutsche Grammophon и Tzadik, уметноста на Дуковски се протега и во филмовите и видеоигрите. Дипломирал на Меѓународната академија за уметност „Интерлохен“ (Interlochen Arts Academy) и Џулијард (The Juilliard School) каде што студирал под менторство на Чарлс Најдих и Ајако Ошима, а својот музички пат го започнал во Охрид, на осумгодишна возраст, градејќи кариера дефинирана со непрекината иновација и мајсторство низ жанрови.