Боштјан Липовшек е прва хорна во Симфонискиот оркестар на РТВ Словенија. Први учители му биле неговите татко и брат. Студирал кај проф. Јоже Фалоут на Музичката академија во Љубљана, каде што дипломирал и магистрирал. Студирал и кај Радован Влатковиќ на академијата „Моцартеум“ во Салцбург. Како солист настапувал со оркестарот на Радио Љубљана, со Словенечката филхармонија и со водечките оркестри во бивша Југославија. Како гостин прв хорнист, настапувал во Берлинскиот симфониски оркестар, со оркестарот на Операта во Брисел, со Симфонискиот оркестар на Мелбурн, со камерниот оркестар „Малер“, со Израелската филхармонија, Шкотскиот камерен оркестар, Австралискиот камерен оркестар и др. Честопати настапува и на турнеите со Фестивал оркестарот на Будимпешта, кој го води Иван Фишер. Како солист настапувал под диригентската палка на Антон Нанут, Урош Лајовиц, Ен Шао, Јаков Крајцберг, Сиан Едвардс... Добитник е на награда на интернационалниот натпревар во Порчија, Италија, и е награден со највисоката награда „Франце Прешерн“ што ја доделува Министерството за култура на Словенија (2008). Предава на Музичката академија во Љубљана од 1998 година, и на Академијата во Загреб, од 1995 година.