Бар Авни
Диригентката Бар Авни (1989, Израел) е добитничка на Првата награда на натпреварот „Ла Маестра“ во Париз во 2024 година, награда која ѝ беше доделена од страна на престижно жири предводено од влијателната Натали Штуцман. Маестра Авни ги освои и дополнителните награди, вклучувајќи ги и Наградата на оркестарот, „Арте“, „Ехо“...Ова подразбира дека во наредните две години, таа ќе биде стипендист на Академијата „Ла Маестра“, а по натпреварот за неа веќе се пројави огромен интерес за нејзината диригентска работа, односно покани да диригира со бројни светски оркестри. Ја опишуваат како диригентка со вешта и креативна програмска концепција и јасен и елегантен стил на диригирање. Во моментов, маестра Авни е главен диригент на Филхармонијата Бајер, позиција на којашто е од 2021 година, како прва жена диригент во 120-годишната историја на оркестарот. Силно е посветена на промоцијата на нови, млади таленти и тесно соработува со тимот во Бајер за развивање возбудливи музички образовни проекти. Од нејзиното диригентско деби во 2016 година, маестра Авни соработувала со различни оркестри, вклучувајќи ја Израелската филхармонија, Камерната филхармонија во Бремен, Израелскиот камерен оркестар, Ансамблот „Резонанц“, „Камерата“ од Хамбург. Нејзината флексибилност и љубопитност при креирање програми, како и нејзината разноликост и способност да негува широк спектар на репертоар се импресивни. Една од главните поддржувачи и советници на маестра Авни е славната Барбара Ханиган, а на почетокот на 2024 година, таа дебитираше со оркестарот „ВДР Функхаус“ и Гетеборшката симфонија како асистентка токму на маестра Ханиган. Следните сезони маестра Авни ќе диригира со Националниот оркестар на Лил, Националниот оркестар на Бордо, Државниот младински оркестар на Хамбург, Радио-симфонискиот оркестар на Штутгарт..., а ќе биде и на позиција асистентка на врвниот Клаус Мекела во Париз и со Франсоа-Завие Рот во Келн. Инаку, маестра Бар Авни студирала перкусии и настапувала како перкусионистка во нејзината земја, но желбата за диригирање ќе ја однесе во Тел Авив, каде што студирала со Јоав Талми, а подоцна станала негов асистент на Израелскиот камерен оркестар. Потоа ги продолжила студиите во Грац и во Хамбург, а во 2021 година станала најмладата добитничка на награда и стипендист на Меѓународниот институт „Курт Масур“.