СОПРАНОТ МИЛЕНА АРСОВСКА СО ПРЕМИЕРНО ДЕЛО ОД ГОЛИЈОВ

СОПРАНОТ МИЛЕНА АРСОВСКА СО ПРЕМИЕРНО ДЕЛО ОД ГОЛИЈОВ

„Гласот на славејот“ е насловот на претстојниот симфониски концерт на Македонската филхармонија, кој ќе се одржи на 27 април во Домот на АРМ во 20 часот. Под диригентската палка на извонредниот Даниел Рајскин од Русија, како солист ќе настапи една од најистакнатите македонски вокални уметници, сопранот Милена Арсовска, која годиниве наназад кариерата успешно ја гради на европските сцени.

За првпат на македонската музичка сцена, ќе биде изведено делото Три песни за сопран и оркестар од аргентинскиот современ и мошне влијателен композитор Освалдо Голијов, кој е познат по својата музичка хибридност – комбинација на традиционалната камерна музика, еврејските литургии и музиката клезмер со примеси на новото танго на Астор Пјацола.

Македонската филхармонија премиерно ќе го изведе и делото „Хипнагогија во Тулијанум“ на младиот македонски композитор Никола Крстевски, кое ја освои првата награда на конкурсот на Министерството за култура во 2015 година.

На концертот „Гласот на славејот“ ќе биде изведена и Симфонија бр. 5 оп. 55 во b-moll „Херојска“ од рускиот композотор Александар Глазунов која е опишана како прекрасна „архитектонска поема“.

Младиот композитор Никола Крстевски (1993) потекнува од музичко семејство. Со музика почнува да се занимава во неговиот роден град Неготино, а Средното музичко училиште (отсек теорија) и Факултетот за музичка уметност (отсек композиција) ги завршува во Скопје. На ФМУ, најпрвин студира под менторство на проф. Томе Манчев, а од 2012 година продолжува во класата на проф. Дарија Андовска. Во текот на студиите, Крстевски учествува на повеќе работилници, меѓу кои и на работилница за звучен дизајн и музика за филм во Скопје, како и на работилницата на Динко Глобокар во Сараево. Од 2013 година е дел од првата официјална соработка помеѓу ФМУ и Факултетот за драмски уметности која подразбира создавање музика за неколку филма. Со свои композиции редовно учествува на фестивалот „Денови на македонска музика“. Во 2014 година добива две награди на конкурсот за откуп на музички композиции на Министерството за култура, прва награда за „Dis:solving“ за гудачки оркестар и второ место за хорската „Моли Бога о мне“. Композицијата за симфониски оркестар „Хипнагогија во Тулианум“ ја освојува првата награда на конкурсот во 2015 година. Хипнагогија, всушност, е состојба на премин од будност кон заспивање (хипнагогиска состојба на свесност за време на почетокот на спиењето). Делото звучно ги опишува психолошките феномени кои настануваат за време на оваа фаза на „меѓусвесност“, како луцидни соништа, халуцинации и парализа за време на спиењето. Тулианум, пак, бил затвор во антички Рим, каде што затворањето на луѓето била привремена мерка пред егзекуција, а бил користен и како простор за егзекуции. Формално, делото е рондално и е создадено на начин постојано да влегува и излегува еден ист материјал со појава на епизоди помеѓу повторувањата, што рефлектира влегување и излегување од различни психолошки состојби и степени на будност. Покрај рондалноста, формата во втор план има контури на тродел, додека развојот на композицијата и нејзините делови се одвива на повеќе нивоа.

Аргентинскиот современ и мошне влијателен композитор Освалдо Голијов (1960) е познат по својата музичка хибридност која претставува комбинација на традиционалната камерна музика, еврејските литургии и музиката клезмер со примеси на новото танго на Астор Пјацола. Добитник е на престижната американска стипендија „Мек Артур“, на наградата „Вилчек“, како и на две награди „Греми“ во 2006 година за најдобра снимена опера и најдобра современа композиција, за неговата прва опера „Аинадамар“, а објавена за „Дојче грамофон“. Инспириран од гласот на врвната сопранистка Дон Апшоу, Голијов создал неколку композиции специјално за неа во текот на изминатата деценија, вклучувајќи ги и Трите песни за сопран и оркестар, операта „Аинадамар“, циклусот „Aјре“ за сопран и оркестар и бројни аранжмани за популарни и класични композиции. Во 2006 година, Линколн центар реализираше фестивал со наслов „Страста на Освалдо Голијов“ во кој беа вклучени различни перформанси на неговите дела. На пошироката публика ѝ е познат по тоа што ја создаде музиката за филмовите „Младост без младост“ и „Тетро“ на култниот режисер Френсис Форд Копола. Инаку, Голијов пораснал опкружен со музика во Аргентина, во музичко семејство коешто се населило таму во 1920-тите од Романија и од Украина. И тоа се забележува во дел од неговите творби. Делото Три песни за сопран и оркестар настанува како плод на соработката на Голијов со Апшоу која почнува во 1999 година. Тој ја напишал песната „LUA Descolorida“ за неа, според поемата на љубовта на Лорка, шпанската поетеса Росалија де Кастро, а напишана на галициски јазик. Овде авторот го дефинира очајот, но на начин во кој јасно го симболизира преплетувањето на нежните и трагичните мигови на една љубов. Првата, од трите песни, е насловена „Ноќ на летачките коњи“ (од филмот „Човекот што плачеше“ во режија на Сали Потер, за кој Голијов ја пишуваше музиката), која зборува за осудената љубов меѓу млад Циган и Еврејка. Овде се вклучени и една приспивна еврејска песна „Затвори ги очите“, една тажна романска песна, како и еден галоп којшто, рекол Голијов, го „украл“ од еден џипси-бенд кој учествувал во филмот. Во песната „How slow the wind“, која е на некој начин спој од две кратки песни на славната американска поетеса Емили Дикинсон, Голијов ги пренесува емоциите од смртта на негов пријател кој загинал во сообраќајна несреќа. „Овие мигови во мојата меморија се замрзнати засекогаш“, изјавил авторот.

Александар Глазунов (1865–1936) почнал да компонира уште на 13 години и во текот на својот живот создал импресивни дела, меѓу кои најпознати од неговиот опус се балетот „Рајмонда“, Концертот за виолина и Шестата симфонија. Глазунов, пред сè, е композитор на инструментални дела по што се разликува од останатите руски автори. Неговата музика, генерално, е опишана како интелигентна и пријатна. На само 16 години ја напишал својата прва симфонија, која му ја извел Балакирев, кој, пак, го упатил да учи композиција кај Римски-Корсаков. Глазунов не бил ниту полнолетен кога оваа симфонија му ја извел Лист во Вајмар. Бил професор и директор на Конзерваториумот во Петровград. За време на животот бил еден од највлијателните руски композитори, но по смртта неговата слава паднала во сенка на тогашните вредности во руската музика, односно ја потиснала младата генерација со напредни концепции. Од 1928 година до крајот на животот, живеел како руски емигрант во Париз. Неговата Петта симфонија насловена „Херојска“ (1895) поседува четири конвенционални става, за разлика од неговата Четврта, на пример, којашто има само три, и во кои често е присутна тематска трансформација. Глазунов ја опишал како „архитектонска поема“ и таа е добар пример на симфонија по она што го создал Чајковски во т.н. руска сребрена доба. Создадена во 1895 година, две години по смртта на Чајковски, во Петтата симфонија Глазунов внел незаборавни, моќни теми, а претставува спој на елементите на Руската национална школа на Балакирев и Бородин и западните модерни техники на компонирање. Премиерата се одржала во Санкт Петербург под диригентство на самиот композитор. Почнува со голема оркестарска звуковна моќ проткаена во прекрасна сонатна форма во алегро со весела тематика, за во вториот став да продолжи со светол, елегантен скерцо. Третиот е нежен анданте, а финалето носи празничен звук во модифицирана сонатна рондо форма. Иако е стандардна симфониска форма на постромантизмот, сепак, Глазунов, во однос на содржината, внел импресивни хармонии и ја обоил со прекрасен тон, со што се смета за едно од најкарактеристичните творби на рускиот автор.