Утре, 20 ноември, е Меѓународниот ден на детето, востановен 1954 година од УНИЦЕФ – фондот на Обединетите нации кој се грижи секое дете во светот да ги ужива своите права, да расте и да се развива до својот полн потенцијал.
Македонската филхармонија уште вчера со концертот „Магичен глас“ и полното гледалиште детски насмевки и радост, го чествуваше овој голем ден и јасно упати порака дека секое дете во светот треба да ги ужива своите загарантирани права пропишани со Декларацијата за правата на детето, а со тоа и правото на музика. Вчерашниот концерт имаше и хуманитарен карактер, со што на конкретен начин беше покажана поддршката секое едно дете да има еднакво право на грижа, лекување и среќно детство.
Во годишниот извештај на УНИЦЕФ, а по повод 20 ноември – Светскиот ден на детето, е наведено дека дневно се прекршуваат правата на милиони деца и дека 385 милиони деца ширум светот живеат во екстремна сиромаштија. Оваа организација по повод овогодишното одбележување ги повика децата од целиот свет да ја преземат клучната улога во медиумите, политиката, бизнисот, спортот, уметноста и забавата за да ја изразат својата поддршка на милионите нивни врсници кои се незаштитени и одбиени.
И Македонската филхармонија вчера со големо задоволство лидерството им го препушти на децата!