Македонската филхармонија ве води на уште еден возбудлив концерт со прекрасна музика и одлични солисти!
На 23 февруари во Домот на АРМ во 20 часот, ќе се одржи симфонискиот концерт „Виолиниски бравури“ на кој како солист ќе се претстави една од најпрефинетите виолинистки кај нас, Сихана Бадивуку. На програмата се виртуозните „Циганка“ и Интродукција и рондо капричиозо од француските музички мајстори Морис Равел и Камиј Сен Санс.
Прв пат во Македонија, гостува извонредниот диригент Со Аватсуџи од Јапонија, добитник на наградата на Македонската филхармонија на натпреварот за диригенти „Ловро фон Матачиќ“.
Под негова диригентска палка, оркестарот на Македонската филхармонија ќе ја изведе и премиерата на делото „Бескрајно сега“ од македонскиот влијателен композитор Илија Пејовски, со што се одбележуваат 70 години од неговото раѓање, како и лирската Симфонија во Це од Жорж Бизе.
ЗА АВТОРИТЕ И ДЕЛАТА:
Годинава се одбележуваат 70 години од раѓањето на влијателниот македонски композитор и аранжер Илија Пејовски (1947). Основното музичко образование го завршува во Скопје, во класата на проф. Ладислав Палфи, и иако го продолжува во Љубљана, дипломира на Факултетот за музичка уметност во Скопје во 1972 година. Во 1977 година дипломира на Колеџот за музика „Беркли“ во САД. Уште од своите млади години, Пејовски бил член на многу состави и ансамбли, меѓу кои и: „Комбо“, „Скопско џез-трио“, „Диксиленд состав“ од Охрид, Биг-бенд при КУД „Мирче Ацев“, Дувачки квинтет при Работничкиот дом во Скопје, Комбо состав при Домот на градежните работници во Скопје (раководен од Драган Ѓаконовски-Шпато) итн. Бил пијанист и во ансамблот „АБЦД“ и во Биг-бендот на Македонската радио-телевизија. Најголем дел од својот работен век, Илија Пејовски го минал во Македонската радио-телевизија. Подолг период како диригент, а во еден мандат и како главен и одговорен уредник на Музичката продукција на МРТ. Меѓу повеќето настапи како диригент, треба да се издвојат настапите на Првиот џез-фестивал во Скопје, како и на двата авторски концерти, едниот (1998) со Биг-бендот на МРТ, а другиот (2005) со Македонската филхармонија. Последните години работи како професор на Факултетот за музичка уметност во Штип (2006-2013), каде што предава на Одделот за џез-студии од самото негово основање. Инаку, од 1988 до 1991 година бил визитинг-професор на Школата за современа музика „Synhrono Audio“ во Солун, Грција, а држел семинари и во Сент Гален – Швајцарија (1990), Перуџа – Италија (1987) и бил професор на Одделот за филмска музика на Факултетот за аудиовизуелни уметности ЕСРА во Скопје (2007). Пејовски е автор на повеќе од осумдесет оригинални композиции, меѓу кои и филмска музика, како и на над 400 аранжмани за биг-бенд и за симфониски оркестар. За своето творештво е добитник на многу стручни и општествени награди и признанија во земјава и во странство. Композицијата за оркестар „Бескрајно сега“ е создадена во минималистички манир. Од самиот почеток па сè до крајот, музиката се потпира на еден единствен акорд – неразрешен септакорд (C7). Структурата и содржината на делото се метафора за тоа дека сегашноста е точка во која се сечат минатото и иднината. Поседува филозофска длабочина и мисла што се провлекува низ звукот – „сегашноста не трае воопшто, само што ќе изговориш сегашност, неа веќе ја нема“. Како што вели авторот, „на некој начин, преку ова дело, сакав да ја замрзнам сегашноста, бидејќи таа има најдлабоки корени“. Композицијата „Бескрајно сега“ поседува уникатен, оригинален органум на водење на гласовите. Монотематска е, и иако има и втора тема, таа е во суштина лажна и е на некој начин придружба на првата. Делото е создадено и во верзија за биг-бенд.
Во 1922 година, францускиот композитор Морис Равел (1875-1937), кој во историјата е забележан како еден од најголемите мајстори на оркестрацијата, ја слушнал младата унгарска виолинистка Jelly D’Aranyi на концерт во Лондон. Нејзиниот начин на интерпретација му оставил силен впечаток и ја замолил по концертот да отсвири неколку цигански мелодии на нејзината виолина, за да увиди до каде се движат нејзините технички капацитети. Како резултат од таа средба, Равел ќе ја создаде „Цигане“ (бидејќи ѝ ветил дека посебно за неа ќе создаде виртуозно дело), најпрвин за виолина и пијано, која премиерно ќе биде изведена во Лондон во 1924. Потоа ќе ја создаде за оркестар, но и двете верзии ќе станат едни од најпознатите и највиртуозните дела за виолина. Равел ги создал неповторливите оркестарски дела како „Болеро“, „Дафне и Клое“, „Ла Валс“, „Мојата мајка гуска“, „Шпанска рапсодија“…, a „Цигане“ исто така се вбројува во едно од неговите најпопуларни со неповторлива оркестрација. Опишано е како „виртуозно дело во стилот на Унгарска рапсодија“, но и како „автобиографска скица“ создадена во импресионистички стил, со нетипични цигански мелодии.
Интродукција и рондо капричиозо во a-moll оп.28 за виолина и оркестар е едно од најзначајните дела на францускиот композитор Камиј Сен-Санс (1835-1921). Авторот ја завршил партитурата во 1863 година и ја создал за виртуозниот виолинист Пабло де Сарасате, кој првпат ќе ја изведе четири години подоцна, а потоа ќе прерасне во едно од најпопуларните дела на Сен-Санс. Иако првично било замислено да биде финале од неговиот прв Концерт за виолина оп. 20, подоцна прераснало во самостојно дело. Композиторот Клод Дебиси од него направил верзија за две пијана во неговите први творечки години. Воведот е романтичен и меланхоличен и веднаш укажува на понатамошното естетско заокружување на композицијата, а од друга страна, пак, таа е силен предизвик за солистот, затоа што е полна со виртуозни сегменти од технички аспект.
Иако Жорж Бизе (1838-1875) на широката музичка јавност ѝ е познат како творец на една од најубавите француски опери на сите времиња – „Кармен“, неговите симфониски дела, иако не се многу на број, носат одлики на неговиот уникатен музички стил, кој, за жал, поради краткиот животен век, немал можност да го развива. Симфонијата во C-dur (популарно позната како Симфонија in C) Бизе ја напишал на 17-годишна возраст додека сè уште бил студент на Парискиот конзерваториум и долги години ја чувал во фиока бидејќи сметал дека стилски премногу потсетува на музичкиот јазик на неговиот професор по композиција Шарл Гуно. Биле потребни речиси 80 години од создавањето на делото до неговата прва изведба во 1935 година, а некои од темите од ова дело се присутни во подоцнежните дела на Бизе како „Арлезијанка“ и „Ловци на бисери“. Симфонијата ја одликува строга форма, слична на онаа на Симфонијата број 1 на Гуно, но тоа е единствената сличност помеѓу делата на ученикот и на учителот. Уште во оваа симфонија веќе е видлив огромниот талент на Бизе да создава прекрасна мелодика со младешки елан, кој е забележителен во самите ознаки за темпо на секој од ставовите, освен во вториот став каде што централно место има прекрасна мелодија за соло-обоа. Финалето е еден вид moto perpetuo со маршови пасажи што водат до втората тема – неверојатна лирска мелодија со исклучителна убавина.