На почетокот од месецов го имавте првиот концерт во дворот на Министерството за култура, најавен како промоција на нова летна сцена во срцето на Дебар Маало. Ќе остане ли оваа локација како место за концерти и имате ли планови за дисперзирање на активностите надвор од матичниот објект?
- Да, Филхармонија со неколку ансамбли составени од музички уметници од редовите на оркестарот реализира концерт во прекрасниот двор на Министерството, место кое почнува да добива своја функција и убав лик. Овој простор, покрај кој и самата често поминувам години наназад и на кој постојано му се восхитувам, навистина има тенденција да заживее како поинакво културно собиралиште. Чинам сега е во почетна, експериментална фаза, додека не се „укотви“ во меморијата на луѓето дека го имаат и овој амбиент за разни уметнички случувања. Така и концертот на Филхармонија беше на некој начин пилот-проект. Велам така затоа што настапивме без озвучување и без седишта за посетителите, за да го почувствуваме пулсот на јавноста, да видиме како таа ќе реагира. На наша среќа, а верувам и на Министерството за култура, концертот помина фантастично и со оглед на посетеноста. Дојдоа навистина голем број љубители на музиката, па и покрај тоа што беше пеколно жешко таа вечер, останаа докрај и мислам дека уживаа. Јавно им благодарам на сите што настапија, бидејќи имаат жар за концертирање и на ваков начин. Им треба на луѓето и поинаква културна содржина, различна оддишка, да ја почувствуваат уметноста, музиката конкретно, сместена во „друга“ реалност, надвор од институциите, а многу пати досега се покажало дека е така. Ние сме желни да настапуваме надвор од институцијата и еве, сега, имаме уште една варијанта за размислување во таа насока – дворот на Министерството. Тимот на Филхармонија работи на повеќе идеи за дисперзирање на активностите, кои се движат во насока да се „окупираат“ простори што не се наменети за концерти, особено не за концерти на класична музика. Но, тоа е еден од начините да се допре до пошироката публика. Сè повеќе размислуваме на оној т.н. герила-маркетинг како алтернативен начин на рекламирање, нискобуџетен е, а дава одлични ефекти. Сме имале досега разни обиди во таа смисла, но потребно е време да се развие концепт на долгорочен план.
Претходно имавме можност да ги слушаме студентите од државните музички факултети на концертите „Звукот на идната генерација“, „Младите доаѓаат“... Како би го оцениле она што може да го понудат новите генерации музичари? - Тоа е традиција што со внимание ја негуваме и, се разбира, со голема љубов и желба ја продолжуваме затоа што овие концерти носат поинаква енергија, младешки дух, ентузијазам, елан, нови видици, поинаква перцепција. Дел од програмата на Филхармонија секоја година се двата концерти што ги споменавте, едниот со студенти од факултетите за музика, другиот со ученици од средните музички училишта, кои настапуваат како солисти со оркестарот. Овие концерти, освен што се, на некој начин, отскочна штица за младите музичари, носат и млада публика. Тоа е важно за Филхармонија, но е важно и во насока на едукација на новите слушатели во сферата на класичната музика. Интересни се, доживуваме поинаква возбуда што доаѓа од сцената, младешка невиност, наивност во смисла на немање искуство за музицирање со оркестар, огромна љубов и од сцена и од гледалиште, навистина е прекрасно. Секогаш новите генерации покажуваат нови сили. Нови пристапи кон изведбата, современи и софистицирани. Овие концерти ни даваат јасна и поширока слика за тоа каде се движи новата музичка генерација, особено во смисла на интерпретација. Тие, се разбира, сè уште не се излезени од академските рамки, но се насетува кој од нив ќе граба напред. Имаме многу талентирани уметници, вреди да се вложува во нив, да се мотивираат да продолжат да работат со љубов. Филхармонија повеќе години одржува еден летен концерт во Градскиот парк, секогаш со занимлив избор на програма и навистина масовна публика. Што е планирано за претстојниот, на 26 јули?
- На 26 јули, во Градскиот парк во 21 часот, Филхармонија ќе настапи со култниот македонски бенд „Архангел“, за чии оркестарски аранжмани се погрижи Емин Џијан, кој ќе биде и диригент на концертот. Песните на Ристо Вртев, не само музичкиот контекст, туку уште повеќе поезијата што носи силни пораки и навистина инспирира, уште еднаш треба да нè потсетат дека не сме осамени, дека не сме сами на овој суров свет. По битките со пандемијата, од чија лушпа сè уште целосно не сме одлепени, музиката на „Архангел“ се чини природно се наметнува, од една страна, да нè лекува, од друга, да ни даде силен поттик да размислуваме за моралната суштина, за меѓучовечките односи, но најмногу за љубовта во сите нејзини олицетворенија. Да мислиме за универзалните вредности! Очекуваме и овој пат масовна посетеност, ова се музички дела чија вредност не се намалува, траат и ќе траат допирајќи повеќе генерации слушатели, моќни се. Емотивни се, кревки, ама и тржествени. Она што уште повеќе нè радува е што овој пат песните ќе бидат облечени во едно поинакво руво, во интересна боја, ќе звучат повеќе „аналогно“ отколку „дигитално“. Овој концерт, кој прерасна во традиција, под наслов „Филхармонија на отворено“, носи поинаква енергија, надвор е од институцијата, под отворено небо, публиката е релаксирана, а ние ѝ нудиме различен поглед од она што се случува внатре во концертната сала. Доаѓаат намерници, ама и случајни минувачи, кои можеби ќе се мотивираат да ги посетуваат и редовните концерти на Филхармонија. Всушност, тоа е основната цел. Инаку, планираме уште еден концерт на отворено, во Градскиот парк во септември, за кој ќе објавиме наскоро. И двата концертa ги реализираме со поддршка на Град Скопје, за што сме навистина благодарни, бидејќи ни значат овие настани и нам, ама уште повеќе на публиката. Не сакаме да престанеме да правиме нешто за кое гледаме дека се впива со искрена емоција и многу возбуда.
Националната установа Филхармонија меѓу првите културни институции се приспособи на новите услови предизвикани од пандемијата и почна со настани во живо. Како би ја оцениле сезоната 2020/2021? - Филхармонија, чинам, беше единствената институција од областа на културата што не престана да работи за време на кризата. Една од ретките и во Европа по тоа прашање, не само кај нас. Сметавме дека мораме да работиме од повеќе причини – да се задржи доброто квалитативно ниво на музичарите од оркестарот, да ѝ дадеме на публиката волја за живот, бидејќи музиката нè носи надвор од сивилото на реалноста, да покажеме дека можеме да дејствуваме за оваа земја позитивно, кога се чини, сè околу нас е негативно. Лесно ќе беше да ставиме клуч на врата, да седиме дома и да земаме плата. Но, според мене, неморално и бесчувствително, кога знаеме што им се случуваше на музичките уметници низ светот. Остануваа без работа и беа принудени да работат нешта далечни од она што го учеле за да го прехранат семејството. Но, нашата институција можеше да го направи тоа, да бидеме заштитени, да не се доведе во прашање нашето здравје, за разлика од некои други кои реално немаа можност да работат во такви услови. Така што, изминатата сезона ќе ја оценам како една од најдобрите, токму поради условите, комплексноста на работата, неизвесноста. Имавме публика и внатре во салата, имавме публика и онлајн (концертите се емитуваа во живо), имавме одлични солисти и диригенти, мошне интересна програма, а воведовме дури и неколку новитети. Му благодарам на целиот тим на Филхармонија кој работеше ревносно и ангажирано за сè да се одвива во најдобар ред, и секако на нашиот шеф-диригент, маестро Габриел Бебешелеа, за неговата креативност. Покрај редовната програма, реализиравме и три концерта на камерни ансамбли на Филхармонија кои претставија поинакви хоризонти, беа примени мошне позитивно, а се вредни затоа што се мотор што го придвижува оркестарското музицирање.
Какви се плановите за новата сезона, кои настани и гостувања ги имате во програмата? Ќе има ли повторно програмски баланс во смисла на комбинација помеѓу т.н. железен репертоар и современи дела и автори? Се покажа ли ваквиот пристап како успешен досега? - Новата сезона, ќе звучам нескромно, но ќе кажам дека ќе биде навистина интересна. Многу шарена. Ќе гостуваат фантастични уметници и ансамбли, и во голема и во мала сала, ќе има неколку новитети, за што многу сме среќни, ќе се реализира програма, која е фузија од она што се нарекува класичен репертоар до експериментални дела, премиерна музика и иновативни, софистицирани пристапи. Не би сакала во овој момент ништо да најавам, но наскоро ќе биде објавена целосната програма на нашата нова веб-страница, која ќе изгледа фантастично. Светот се менува многу брзо, со него се менуваме и ние, отфрламе некои стари навики, се адаптираме на нови. Особено по пандемијата почнаа да се случуваат чудни пресврти и во сферата на класиката. Нема да исчезне, напротив, но добива нова форма, и се пристапува различно. Ние мораме да мислиме на новите генерации музички љубители, но нималку не забораваме на нашата редовна публика. Имате ли проблеми околу договарањето со странските музичари да гостуваат во вакви глобални услови?
- Досега, за среќа, немавме ниту еден проблем поврзан со гостите од странство. И тие се адаптираа на ситуацијата, ги следеа правилата и протоколите. Наоѓавме начини како да им се олеснат патувањето и гостувањето. Филхармонија има добра екипа што си ја знае работата и функционира беспрекорно. Се грижиме за нашите солисти и диригенти, сакаме да се чувствуваат убаво и посебно. Затоа можеби сакаат да се вратат и повторно да свират овде.

Подготвил: Весна Дамчевска

Лектор: Ивана Кузманоска