Традиционалното и културно воспитување, отвореноста на домот но, и онаа на умот, изградиле силен темел врз кој се напластуваат вистински вредности, вредни дела, силни творби, уметнички надградби, лични и професионални успеси. Плени со непосредноста, со елоквентноста на зборот и ведрината на духот, така суптилно поведувајќи го соговорникот кон темелни читања, најмногу на запишаното меѓу редовите, затоа што токму таму е распослана есенцијата која ја храни љубопитноста, а „кога сте љубопитни, ќе копате длабоко и ќе најдете богатство“
Со денешниот разговор ќе прошетаме низ нејзината кариера, новинарството, музиката, уметноста и љубовта која се тоа споила во определба за професија и безрезервно уживање во истата, како противотров на грдата стварност. Елементал: Прегледот на Вашето минато искуство говори дека културата е секогаш во вашиот фокус. Се работи за генетски наследена склоност или? Тина: Од моето раѓање, од кога паметам за себе, до денес, јас сум опкружена со луѓе кои се занимаваат со уметност во нејзиниот најширок поим. Од моите родители ги стекнав и многу сум им благодарна за тоа, основите на културното живеење, тие наедно, ми ја всадија и љубовта кон уметноста, особено мојата мајка. Воспитана сум традиционално (иако овој збор денес може да се сфати поинаку) да ги следам моралните начела, да го љубам ближниот, да помагам, да не лажам, да не бидам лицемер, а сето тоа ако се преслика во едно уметничко дело, сметам дека тогаш таа творба е вистинска и силна. Начинот на живеење секако се рефлектира врз она што произлегува од нас како уметници. Сите тројца, јас, мојот брат кој е филмски режисер и мојата сестра која е пијанистка, сме растени со книги, филмови, музика, балет, театар и многу, ама навистина многу пријатели кои се дел од т.н. уметничко живеење. Луѓе кои животот го посветиле на создавање, негување, творење, кои се предавале со целото свое битие на она што го сакаат. Директно и чинам, многу повеќе индиректно, јас пиев од туѓите искуства, од она што го гледав и што го слушав, од она што ме опкружуваше и сакала или не, тоа ме изгради како личност. Во нашиот дом циркулираа уметници, новинари, политичари, филозофи, нашата врата беше отворена за секого, нашата куќа беше сврталиште за дружба, за креација, за долги разговори од кои учев и многу научив. Музиката дојде отпосле, иако љубовта спрема оваа уметност како да била дел од мене секогаш. Го засакав балетот прво, шест години посетував балетско училиште, потоа пијаното, па станав пасиониран слушател на музика, ја истражував во нејзиното најшироко значење. А, бидејќи мојот татко беше новинар, паралелно ми се раѓаше желба и за таа професија, го гледав како работи, ми беше навистина фасцинантна неговата посветеност и ангажираност, го имитирав и постојано барав од него да ме научи на тој занает. Мојата мајка, пак, освен што е голем љубител на музика и која ми ја пренесе непосредно таа пасија, се занимава со продавање на книги и во мои раце доаѓаа секојдневно различни наслови на кои им се восхитував. Сето тоа ја одреди мојата професија како музиколог, музички критичар, новинар – сите љубови соединети во едно. Елементал: Вашето прво работно искуство е во областа на сериозната музика. Како во тие млади години се перципира тој правец? Тина: Да, моето прво работно место беше тогаш култното радио „Стотројка“ (потоа работев во Редакцијата за класична музика на Прва програма во Македонското радио, кога почнав да пишувам рецензии за концертите на класична музика), каде што имав двочасовна емисија еднаш во неделата посветена на современата класична музика, ама паралелно, имав и емисија која се занимаваше со модерните звучни струења. Таму, во Канал 103, тогаш работеа интелектуалци од кои многу научив и таму, бидејќи тоа беше втор дом на многумина, па така и мој, се случуваа најважните културни настани во градот, концерти, свирки, дебати, интервјуа, тоа беше едно јадро на луѓе кои го наметнаа културното живеење во градот. Не постојат млади или стари години за т.н. сериозна музика, едноставно човек треба да биде предодреден за нешто, а тоа „нешто“ може да се појави во која било возраст. Мене ми беше силен предизвик музиката на 20. век, тогаш купувавме ЦД-а најчесто од Солун, ама имаше нешто и во Скопје, и кога ќе дојдете до еден автор, тој ве носи кон друг, кон трет, и така, кога сте љубопитни, ќе копате длабоко и ќе најдете богатство. Класичната музика не е мртва, напротив. Ниту пак, е наменета за повозрасни луѓе. Таа е изворот на сè останато. Таа е толку моќна, односно има толку многу силни дела, од кои дури треба да се плашиме да ги анализираме, оти во нив ќе наидеме на еден цел паралелен универзум од кој нема да сакаме да излеземе. Едноставно, не треба да имаме „гард“, не треба да имаме предрасуди, треба да бидеме отворени кон нештата кои навидум ни се непознати. Елементал: Се коси ли работата од тој период со изборот на музика за лично уживање? Тина: Не ги разликувам, јас барем, професијата и уживањето, затоа што „уживањето“ ми стана работа. Личната перцепција кон музиката и кон уметноста воопшто, кај мене се развиваше на еден поинаков начин, и некако не можев да го издвојам едното од другото. Некои луѓе кои работат во медицина, на пример, се релаксираат по напорната работа со музика, можеби. Мене музиката ми е секоја клетка од живеењето. Јас созреав со музика, јас страдав со неа, таа ми беше рамо за плачење, за учење, за радост, постојана придружничка во се, мој сијамски близнак, мое алтер его. Па, таа е виновна за многу непромислени потези во мојот живот, дури сум и лута, ама таа е и причината за многу добри работи коишто сум ги направила. Така што, не уживам со музиката, јас живеам со и од музика. Елементал: Долги години поминавте во новинарските води. Како се случи преминот во македонската филхармонија? Тина: Повеќе од 15 години бев дел од новинарството, најпрвин работев во радио, потоа како надворешен соработник во неколку списанија, и потоа се случи „Утрински весник“, средина во која се развивав на интелектуално и професионално ниво онака како што секој би посакал. Кога се формираше „Утрински“ и потоа, се разбира низ годините, работеа врвни новинарски пера, интелектуалци, луѓе со моќ да влијаат врз општеството, во позитивен контекст, луѓе со неограничена вредност. Тоа беа сјајни времиња за учење, ако човек сака да учи, секако. Тука го печев занаетот, ама тука научив и за многу други сфери од живеењето, стекнав многу пријателства кои ми помогнаа да се движам полесно низ работата. Тогаш царуваше медиумски плурализам, имаше здрава конкуренција и тоа многу ни помогна на сите да не тапкаме во место, туку да грабаме напред. Секојдневно пишувате, учите низ тоа, дебатирате, стекнувате брзина, концизност, јасност во мислата, не смеете да згрешите оти сте „голи“ пред цела јавност, мозокот ви работи 24 часа … Ух, не беше лесно, но беше многу интересно и возбудливо. Периодот кога станав уредник на Културната рубрика пак, ми донесе едно поинакво искуство кое денес ми помага во оваа моја нова функција како директор на Филхармонија. За жал, медиумите полека почнаа да згаснуваат, последните години и во „Утрински“ тоа се чувствуваше, и таа неверојатно добра работна атмосфера полека замираше, почнаа да ѝ се појавуваат длабоки бори, едноставно остаре. Одлучив да си заминам на своја рака, некако се уморив од сета таа брзина и веќе ми стана рутина, па и монотонија. А, јас не сакам така да работам, сакам нови нешта. Се истрошив. Имав поддршка од семејството за тоа, а немав поим каде и што ќе работам. Во ниту еден миг не помислив на Филхармонија, иако во таа средина всушност, пораснав. Не поминаа десет дена откако си дадов отказ од „Утрински“, кога тогашната директорка Маја Чанаќевиќ ми предложи, заедно со мојата колешка Роза Нолчева, да пишуваме монографија за Филхармонија. Кога слушна дека не работам никаде, ми понуди да дојдам во Филхармонија и да работам во секторот продукција. Така почна мојата приказна во оваа институција. Не беше лесна промената, како и секоја промена всушност, бидејќи работата е сосема поинаква и покрај тоа што повторно се работи за музика, ама сакав да видам како е да се биде и од другата страна на приказната. До тогаш, музиката ја слушав на концерти, потоа пишував за неа, а во Филхармонија, ја следите целата приказна за тоа, како се создава еден музички настан, од идеја која може да биде менлива секоја секунда, до реализација на грандиозен звучен момент, и тоа е мошне интересно. Елементал: Го понесовте ли со себе новинарското око? Тина: Новинарот е секогаш новинар, и кога не се занимава со новинарство. Оној кој тоа го работел, секогаш и секаде го носи со себе. А, што е всушност, она што еден новинар го прави добар во својата професија? Љубопитноста. Така што, мојата заинтересираност не престана, по природа сум човек кој постојано сака да учи нови работи и така, во Филхармонија си го донесов сиот багаж што го „пакував“ годиниве наназад во „Утрински“. Пишувам сè уште, контактирам со медиуми, се занимавам со социјалните мрежи, со веб-страница, правам интервјуа со гостите коишто доаѓаат … Да, ништо од она што може да се нарече новинарство не сум го заборавила. Елементал: Какво искуство донесе продуцирањето? Тина: Навистина е магична работата како продуцент. Постојано сте во контакт со уметници од целиот свет. Истражувате во сферата на музиката од филозофска, естетска, програмска смисла и секако изведувачка. Создавате сценарија за еден проект што е мошне креативно. Тоа е како да правите некој мини филм кој прво се снима во вашата глава, а потоа го гледате на сцена во живо, реализиран од еден огромен изведувачки апарат, симфониски оркестар! Волшепство од идеи, звуци, мисли … Музиката е апстрактна уметност и затоа велам филм, бидејќи секој има можност да ја визуелизира токму онака како што сака. Внатре во тоа создавање, секако има многу сомнежи, многу прашања без одговор, многу дилеми, ама на крајот добивате големо задоволство што не се менува со ништо, добивате МУЗИКА. И тоа изведена во живо, со врвни уметници на сцената. За жал, тоа е минливо, се случува еден концерт и толку, исчезнува, останува само во нашите сеќавања како впечаток, позитивен или негативен. Но, за среќа пак, доаѓа нов во кој повторно треба да ја насочите сета своја креативност. Елементал: Меѓу бројните концерти, на кои се јавивте како продуцент, се вбројуваат и симфониски концерти за деца и концерти со популарна содржина. Каков е повратот? Успевате ли на тој начин да ја зголемите бројката на посетители, но можеби и поважно, успевате ли да привлечете нова и млада публика? Тина: Секако. Никогаш не би се откажала од идејата да престанат да се реализираат концертите со малку попопуларна содржина, затоа што носат нова публика, нова енергија и за самиот оркестар, а притоа, не се оддалечуваат од рамката на квалитетот којшто го поседува оваа врвна институција. Особено не пак, од симфониските концерти за деца. Тие се најубавото нешто што може да ѝ се случи на една Филхармонија, затоа што носат искрена детска радост и секако, преку нив ја едуцираме нашата идна публика, растеме наши идни слушатели, и токму овде можеме да бидеме најкреативни. Симфониските концерти со содржина која малку отскокнува од редовната програма се мал одмор за мозокот, тие се направени за уживање, ако ги споредиме со останатите кога и не можеме целосно да ѝ се препуштиме на чистата музичка мисла. Оти музиката е комплексна форма на постоење, таа бара концентрација, бара размислување, ги начнува најдлабоките теми кои се провлекуваат низ човечкото битисување, за постоењето, за животот, па колку и да сакаме да го избегнеме тоа, не можеме да се оттргнеме така ноншалантно од нејзината филозофска рамка. Затоа, добредојдени се оние атрактивни музички настани, да не одведат во шарен свет, да не гледаме само сиви бои кои и онака во секојдневието ни го затскриваат погледот кон убавината. Елементал: Од неодамна сте в.д. директор на Националната филхармонија. Претпоставувам дека имате исклучителен микс од одговорност, сатисфакција, предизвик, исполнетост и многу идеи. Од друга страна, скоро година дена живееме исклучително тежок период кој несомнено наметна многу ограничувања. Како влијаат на Вас предизвиците? Постапувате плашливо, го минимализирате отпорот кон ограничувањата или пак го третирате како можност да се поместат лимитите? Тина: Оваа работа е фузија од одговорност, со тоа секако и страв, силен предизвик и креативност. Во ниту еден момент немав дилема во однос на тоа како ќе се справиме во време на оваа светска пандемија, затоа што работиме претпазливо, туку сите нас не плаши неизвесноста. Не размислуваме да правиме нешто по секоја цена, ако тоа е невозможно. Се адаптираме на условите, почитуваме она што ни е надредено, и во тие рамки, повторно блескаме со нашата креативност. Сакаме да работиме, сакаме да живее Филхармонија, сакаме на публиката да и дадеме една поинаква визура од онаа што ја гледа во реалниот живот исполнет со трауми. Секојдневните негативни информации се отров. Музиката е антиотров. Тука е нашето спротивставување, нашата борба против грдото. Да не дозволиме да не понесе колективната психоза на начин на кој ќе ни ја уништи фантазијата. Продолжуваме да ги остваруваме соништата преку макотрпна работа, ама свесни сме дека тоа ќе ни донесе убост која со ништо не се споредува. Уметниците се родени за да бидат на сцена, па мораме да најдеме поинакви алатки кои ќе ни помогнат повторно да ја освоиме таа сцена што многу значи. Во време на силни бомбардирања се изведувале симфонии, во време на страшни војни се пишувале книги, се компонирала прекрасна музика. Ова е време на разорување на духот, ама уметноста пак си го наоѓа патот. Како среде камења кога никнува цвет. Убавината има своја мапа која само таа знае како да ја дешифрира и да дојде до целта. Елементал: Во годинава што измина, Филхармонија е една од ретките, ако не и единствената институција која успеа да ја реализира целосната програма. Какви се целите за 2021 година? Тина: Филхармонија продолжува со исто темпо. Се надевам дека ќе се реализира се она што сме го замислиле. Ако не е тоа, ќе смислиме нешто друго. Не ни бегаат идеите, тука се. И не само што се тука, туку се раѓаат нови. Постојано. Живи и здрави сме, здравјето е најважно, а другото е сè лесно. автор: Бон&Бона