ЈЕРУХАМ ШАРОВСКИ, ДИРИГЕНТ

ЈЕРУХАМ ШАРОВСКИ, ДИРИГЕНТ

ЈЕРУХАМ ШАРОВСКИ, ДИРИГЕНТ

    Роден во Буенос Аирес, Аргентина, маестро Јерухам Шаровски рано започнува да изучува музика, а потоа студира флејта, контрабас, композиција и диригирање на Националниот конзерваториум за музика во неговиот град. Во раните 70-ти имигрира во Израел каде што дипломирана Академијата за музика „Рубин“ во Ерусалим под палката на проф. Менди Родан. Во 1990 година, Шаровски ќе биде избран од славниот маестро Зубин Мехта да ја прими наградата „Млад артист на годината“ кога ќе ја добие и привилегијата да диригира со Израелската филхармонија, како и со другите поголеми оркестри во Израел. По турнејата во поранешна СССР која за него ќе биде значајна во кариерата, во 1991 година станува уметнички директор и шеф-диригент на Симфонискиот оркестар „Раанана“ во Израел. Под палката на Шаровски овој оркестар ќе стане еден од најпопуларните симфонски ансамбли изведувајќи стотици дела и надвор од земјата. Од 98 до 2004 маестро Шаровски ќе раководи и со Бразилскиот симфониски оркестар на Рио де Женеиро со кој ќе патува на турнеи во Бразил и во Европа и ќе сними четири ЦД-иња. Тогаш Шаровски ќе го формира Младиот симфоники оркестар на Бразил кој ќе стане еден од најпознатите ансамбли во земјата. Со БСО ќе замине на турнеја и во САД, кога во „Централ парк“ во Њујорк, како и во „Линколн“ центарот ќе одржи концерти пред 50 илјадна публика кои ќе бидат високо оценети од публиката и критиката. За време на својата кариера, маестро Шаровски диригирал со над 50 оркестри во повеќе од 20 различни земји, вклучувајќи ги и серијата концерти со маестро Лорин Мазел, диригирајќи со Минхенската филхармонија во Германија и со Симфонискиот оркестар на Ерусалимз аедно со Баварскиот радио-оркестар на концерти посветени на градот Ерусалим. Маестро Мазел ќе го предложи маестро Шаровски да биде и дел од жирито на „Мазел интернационалниот натпревар за диригенти“ (2002). Широк е неговиот репертоар и во однос на оперските изведби, а во последните години тој гради навистина успешна кариера на полето на едукацијата, одржувајќи мастер часови на значајни универзитети во светот. Маестро Јерухам Шаровски е долгогодишен пријател на Македонската филхармонија, долгогодишен соработник, диригент, но и уметнички консултант, а сега и во наредните две години, како шеф диригент, ќе се заложи за побогати содржини, кои ќе значат многу не само за институцијата туку и воопшто за целокупната музичка култура во земјата.

Од првиот ден кога дојдов во Македонија во 2003 година, пред 21 година, се чувствувам како дома. А јас сум човек кој постојано патува. Сум диригирал во повеќе од 28 земји и не се чувствувате секаде така. Некаде чувството е необично. Овде, не знам дали е поради самата земја или поради луѓето, но јас секогаш се чувствувам како дома. Не знам како да си го објаснам тоа, но така е, вели маестро Шаровски на почетокот од нашиот разговор.
Македонската филхармонија ја продолжи соработката со Вас, како шеф-диригент, која започна минатата концертна сезона. Може ли за пошироката публика, најпрво да прецизираме што значи да се биде шеф- диригент?
За одговорот на ова прашање морам да се навратам малку наназад. Оркестарот денеска се наоѓа на многу важна појдовна точка, не само поради мене, туку поради Ангелина, која во моментов е в.д. директор на Филхармонијата и поради расположението на музичарите. Чувстувам дека ова е почеток на нов ден. Од денот кога пристигнав сите се расположени, полни со енергија и надеж, амбиција за убави видици и мислам дека музичарите согледуваат дека имаат можност да направат нешто ново, нешто правилно и успешно. Поминаа низ тежок период, а во животот секогаш е така, по темнината доаѓа светлина. И сега ние сме таму, ја чувствувам енергијата на музичарите. Секогаш кога доаѓам сум добро дочекан, но овој пат особено топло и пријателски ме пречекаа. Ми кажаа дека сум назначен за шеф-диригент, уметнички директор, што во секој оркестар, а сум диригирал со повеќе од 60 професионални оркестри во животот, шеф-диригент е оној што ја прави програмата, одлучува за солистите, за гоститедиригенти, каков репертоар сакаат да свират Но, јас мислам поинаку. Сметам дека две глави размислуваат подобро од една. Се разбира, шест или седум глави на професионални и искусни музичари, луѓе со долга километража професионална работа зад нив, уште подобро размислуваат, а јас сум тука за да ги обединам сите нив. Има различни мислења, но крајниот резултат е секогаш добар затоа што е збир од многу искуства, добра воља и желбата да се дојде до саканата цел. Се чувствувам привилегиран кога не се согласуваат со мене, бидејќи така учам дека не постои само еден начин за да се постигне целта. Постојат повеќе начини, само треба да се слуша. Од друга страна, пак, оркестарот го познавам 20 години. Зад мене имам долго професионално искуство и ова наше заедништво го гледам како маж кој после долго време ќе се ожени со жената што цел живот ја сакал. Многу се радувам на оваа соработка.
Што претставува музиката за Вас? Како дојде до тоа да одлучите таа да биде Ваша животна определба?
Не одлучив. Јас сум едноставно музичар, роден сум како музичар. Се сеќевам дека од најрана возраст свирев гитара, флејта, пијано… Кога имав 7 години, мојот чичко ме одведе во Операта во Росарио, мал град во Јужна Америка. Малку ја подотвори вратата од салата каде свиреше оркестарот. Говорам за шеесеттите години. Кога го чув како свири оркестарот се наежив, како струја да ми помина низ телото. Му реков, ајде да одиме на концерт, но не можевме да си го дозволиме тоа, бевме сиромашни и картата за концерт беше прескапа за нас. А сега кога се враќам во таа сала, во тој круг, бидејќи така е поставена, така изгледа, им ја раскажувам приказната и им велам дека ми беа потребни 50 години за да влезам повторно внатре. Но, музиката секогаш беше тука. Се образував во Израел и во Рим и во моментов кога почнав да диригирам, не застанав. Постојано диригирав, диригирав, а често за тоа приватниот живот ја плаќа цената. Се разведов, бидејќи ниту еден партнер не може да живее кога другиот е постојано на пат. Но, не жалам. Иако многу го сакам моето семејство, јас сум посветен на музиката. Сѐ уште ја имам истата страст како на почетокот. Пред секој концерт јас сум возбуден како од пред 40 години. И го сакам тоа чувство кога секој настап е како прв. Излегувате на сцената и давате сѐ од себе како да е прв настап.
Неделава сте во Скопје, со цел да се сретнете со музичарите и со уметничкиот одбор, за да се докомплетира годишната програма. Дали сте задоволни од досегашните средби? Се заокружи ли програмата?
Се случи нешто многу чудно. Мислевме дека е невозможно да функционира Одборот во овој нов формат. А, чинам дека овој оркестар никогаш не работел на овој начин. Директорката е сосема отворена со музичарите, ние работиме за нив, а не тие за нас. Уметничкиот директор исто така е отворен за соработка без задршки, а музичарите сега слушаат, се гледаат себеси дека всушност имаат глас кој се слуша. Не се само бројки, некој ја препознава нашата професионалност, искуство… Сите тие се одлични музичари, секој еден од нив има големо искуство и се плашев како тоа ќе изгледа, но излезе многу подобро од што се надевавме. Таа симбиоза и динамика одлично функционира. Секој може да го каже своето мислење, се согласуваме или нено, заеднички доаѓаме до заклучоци и среќни сме зошто го правиме тоа заедно. Правиме унија од концепти и стратегии, искуства, идеи…, а дикусијата е секогаш добродојдена, бидејќи доаѓа од различни агли и добро е да се слуша и да се биде слушнат. Најтешкиот ден не е денот на Револуцијата, туку тој по него, зошто тогаш треба да престанете да зборувате и да почнете да работите.  
Концертните настани за оваа и за наредната сезона, всушност се прослава на големиот јубилеј – 80 години од постоењето на Македонската филхармонија, нашата најстара национална музичка институција. Како ќе се одбележи овој јубилеј?
Имавме план да направиме прекрасна турнеја во Шпанија, но таа беше откажана и сега е мошне тешко повторно да се обнови договорот. Кога еднаш ќе разочарате некого, несериозно е повторно да барате доверба. Да се изгради е тешко, одзема време, енергија, лична заложба…а да се уништи е многу лесно. Со лоши постапки многу лесно уништувате години на работа, наследство, етичко однесување, професионализам. Тоа што овде се случи, во оваа институција, може во иднина да има многу сериозни и длабоки последици. Работиме да го надминеме тоа. Уметничкот свет е многу мал и странските менаџери и уметници веднаш ја добија таа информација, па можеби повеќе нема да сакаат да бидат поврзани на никаков начин со овој оркестар. За среќа, министерката за култура навреме го согледа проблемот и презеде итни чекори да го смени поранешниот директор кој беше на функција само пет месеци и сега сите работиме со полна пареа, почнувајќи од библиотекарот до директорката, музичарите, разгледуваме како да се подобри ситуацијата. Денеска три часа разговаравме, правиме нова програма, вклучувајќи ги најдобрите македонски музичари, дела, солисти, за да му дадеме простор на македонскиот талент од секоја област, а планираме и турнеи. И претходно патувавме во Кина, во Израел, но сега мораме да ги реорганизираме плановите. Можеби ќе успееме да го обновиме договорот за гостување во Шпанија, а имаме и добри понуди за Јужна Америка. Но, за тоа треба да се одлучува подоцна во консултации со Министерството за култура, Министерството за надворешни работи, амбасадорите итн. Сепак, која и да биде избраната опција, ќе биде одлично, а се разбира програмата ќе биде симболична, неверојатна и пригодна за одбележување на јубилејот.  
Ќе настапите како диригент на 23 мај, на свеченото официјално затворање на годинешната концертна сезона, и потоа на 10 октомври, на свеченото отворање на новата концертна сезона, кога ќе му се даде силен акцент на 80-годишниот јубилеј. Што е предвидено за овие концерти?
Контактиравме неколкумина од најголемите меѓународни музички имиња, но не можеме да откриеме кој ќе дојде на отворањето и на затворањето на сезоната, бидејќи чекаме одговори. Доцниме и со тоа поради сите овие проблеми за кои претходно ви говорев и работите едноставно беа заглавени. Сега, репрограмираме сѐ, но сметаме на три или четири најголеми имиња од светот на класичната музика. Сѐ зависи од тоа дали ќе бидат слободни во тоа време. Знаете, уметниците програмата ја прават за три години однапред. Штом добиеме повратен одговор, веднаш ќе известиме, но целта ни се големи имиња, големи уметници да дојдат во Македонија и да настапат со овој прекрасен оркестар.
Одлично го познавате нашиот филхармониски оркестар, сте настапувале многупати во изминативе децении, какви се вашите впечатоци?
Многу пати сум кажал, имате скриено оружје. Овој оркестар можеби нема перфектна техника како германскиот, нема голем буџет како американскиот оркестар, но има скриено оружје, а тоа е страста. Вчера секој еден од нив го дишеше Шуман. Свиреа длабоко, чувствително, искрено… Знаете, и останатите оркестри го свират Шуман, но за нив тоа е само работа, а Македонската филхармонија го прави тоа со сето срце. Вчерашниот концерт беше возбудлив, длабок, богат, свеж и сфатив дека сме на добар пат. Тоа е карактеристиката на овој оркестар  вољата да се биде високо професионален уметник. Не прашуваат колку ќе бидат платени, тие едноставно свират и даваат сѐ од себе. Затоа ги сакам  тоа се луѓе со кои сакам да ја споделувам мојата љубов кон музиката.  
Каква е улогата на диригентот во денешно време? Се смени ли современиот контекст и значење на оваа професија или останаа исти?
Не знам дали се сменил, но знам дека јас не верувам во стариот концепт, во смисла на Тосканини, Карајан, кога диригентот е еден вид диктатор кој кажува сѐ и знае сѐ и секогаш е во право. Сметам дека денешниот модерен концепт, кога оркестарот предводи сѐ што се случува внатре е добар. Тоа го научив во Изралескиот оркестар и маестро Зубин Мехта, каде музичарите се вклучени во секоја одлука. Кога ним им се дава авторитет, добивате одговорност, соработка, партнерство и јас верувам во таа формула. Бидејќи, никој не знае сѐ, а заедно знаеме повеќе. Никој не ги знае сите одговори, но заедно знаеме и повеќе и подобри одговори, зашто сме разгледале сѐ од повеќе агли. Мислам во денешно време функцијата на шеф-диригент е медијаторство. Во денешните дискусии сите ги прашував што мислат за одредени прашања со цел да се отвори дискусија. Не сакам само јас да зборувам, а тие само да слушаат. Ги охрабрувам секој да го каже своето мислење: зошто „да“, и зошто „не“. Тоа е продуктивно и корисно. По два состанока ние веќе ја завршивме програмата.  
Сте настапувале и со славниот маестро Лорин Мазел. Кажете ни нешто повеќе за тоа.
Лорин Мазел – голем музичар и прекрасна личност. Случајно се запознав со него. Диригирав со Симфонискиот оркестар на Ерусалим, а тој сакаше да организира голем концерт по повод одбележувањето на 3.000 години постоење на Ерусалим и предложи заеднички концерт на двата оркестри – Симфонискиот оркестар на Ерусалим и Радио – оркестарот на Минхен. Во тоа време во Минхенскиот оркестар беа најголемите светски солисти. Како да одите на пазар за риба и не знаете што да изберете. Јас го диригирав првиот дел, тоа беше ново дело со симболичен наслов „Флејта 3.000“ за 3.000 години Ерусалим и содржеше мелодии кои ги слушате во стариот дел на градот: малку арапски мелодии, малку христијански молитви, еврејска музика…бидејќи стариот град всушност е тоа, а потоа сите тие мелодии заедно. Композиторот беше Шломо Гроних и јас го диригирав првиот дел, а Мазел вториот дел, насловен „Седум капии на Ерусалим“, кој беше напишан од славниот Пендерецки. Во текот на соработката се спријателивме. Мазел знаеше дека говорам неколку јазици и подоцна ме покани да бидам во жири на натпревар за диригенти насловен „Мазел-Винал“ и патувавме во Токио, Њујорк и Сао Паоло, каде во текот на три недели стекнав прекрасно искуство. Беше интересно да се следи како тој ги вреднува кандидатите. Тој не само што е голем музичар, тој е и голем идеолог. Разговарав со него не само за музика, за многу други нешта. Постојат три личности, музичари на кои им се восхитувам. Првиот, кој беше мошне груб со мене додека бев на мастерклас кај него бешe Леонард Бернштајн. Тоа се случуваше во Њујорк во 1984/85 година. Еднаш диригирав дело од Густав Малер и тој извика: „Неее, ти се отклонуваш!. Прашав: Зошто, маестро? Го диригирам мошне германски“. „Па, токму во тоа е проблемот“, ми рече. „Малер е банален, тој е Евреин. Ќе го диригираш така каков што е Малер. Ако не го разбираш значењето, духот, желбата на композиторот, тогаш ја диригираш сопствената музика, а не неговата. Немој да бегаш од тоа што го сака композиторот. Не треба да го правиш она што ти го сакаш“. Во моментот се чувствував непријатно пред толку многу луѓе, пред оркестарот, но со текот на годините разбрав што сакаше да ми каже и беше неверојатно во право. Не е твое да одлучуваш, композиторот одлучува. Втората личност на која и должам многу, бидејќи тој ми помогна во мојата кариера, е маестро Зубин Мехта. Во 1990 година бев избран од маестро Мехта за добитник на наградата „Млад уметник на годината“ на Израел. Во тоа време, во Израел живеев во Кибуц. Патував три часа до Тел Авив за да учествувам на натпреварот. Три дена имаше испити, неколку степени на полагање пред диригирањето и успеав да ја добијам првата награда. Потоа можев да диригирам. Веднаш добив покана од многу оркестри, дури од еден од Бразил кој правеше концерт во Рио Де Жанеиро по повод 40 години Израел. Концертот беше одличен, подоцна станав Уметничи директор на оркестарот и тоа беше почетокот, а подоцна диригирав во многу земји низ цел свет. По многу години токму во Рио Де Жанеиро се сретнавме со маестро Зубин Мехта и најпрвин не можеше да се сети кој сум, но по кус разговор ми рече: „А, момчето од Кибуц“. Многу сум среќен што не можам да се сетам на сите имиња на кои сум им помогнал да успеат“, додаде. Се разбира, тој помогнал на многумина, па не може да ги запамети сите. Секоја средба со него ми е посебна. Ете тие тројца музичари – големите имиња Бернштајн, Мехта и Мазел се луѓето од кои учев. Многу пати кога диригирав си мислев што мислат тие за мојата работа. Но, веќе имам 67 години и сега сум во позиција да охрабрувам други помлади диригенти. И би сакал и овде да го отвориме оркестарот за млади диригенти. Да доаѓаат во Македонија на семинари, да учат и потоа да диригираат со оркестарот, па така да ги дефинираме идните големи таленти од Македонија.  
разговараше Невена Поповска

Skip to content