часот
7 Oктомври
20:00 часот
Сезона 2020/2021
Концертна Сала
ДАНТЕ 700
Диригент:
Габриел Бебешелеа
Солист:
Симон Трпчески
Програма:
Ф. Лист: Симфонија „Данте“
Пекол:
Порти на пеколот
Прв круг на пеколот
Втор круг на пеколот
Седми круг на пеколот
Рекапитулација
Кода
Чистилиште:
Античистилиште
Седум тераси на планината Чистилиште
Рај на Земјата
Магнификат
Ф. Лист:
Концерт за пијано и оркестар бр. 2
Adagio sostenuto assai
Allegro agitato assai
Allegro moderato
Allegro deciso
Marziale un poco meno allegro
Allegro animato
Ф. Лист: Симфонија „Данте“
Франц Лист уште во раните триесетти години на 19 век се заинтересирал за „Божествената комедија“ на Данте кога ја создал квазисонатата позната како „Соната Данте“. Покрај споменатата соната, Лист планирал да напише и оркестарско дело кое ќе се базира на истата тематика. Но, на симфониското дело тој ќе му се посвети дури во 1855 година. Следејќи ја структурата на литературната предлошка на Данте, Лист во почетокот испланирал симфонијата да има три става – Пекол, Чистилиште и Рај. Неговиот пријател Рихард Вагнер во една прилика му рекол дека „ниту еден смртник не поседува моќ верно да ги преслика сликите од Рајот, а уметникот не може да го наслика Рајот, туку само неговиот одраз“. Лист ги прифатил сугестиите на Вагнер и третиот дел од симфонијата го заменил со Магнификат за хор на крајот од вториот став. Многумина уште тогаш сметале дека токму оваа радикална промена го изместила складот во оригинално замисленото дело, а денес токму тоа се смета за главна причина поради која Симфонијата „Данте“ ретко се изведува на светските музички сцени. Симфонијата премиерно била изведена во Дрезден, во ноември 1857 година, под диригентската палка на композиторот. Како и во симфониските поеми „Тасо“ и „Прелудиуми“, и во симфонијата „Данте“ Лист инкорпориал иновативни елементи, создавајќи дело во кое има прилично модерни хармонски и оркестарски моменти – ефекти на ветер, прогресивна хармонија и тонска структура, атоналност, камерни интерлудии и употреба на нетипични музички форми. Иновативниот пристап на Лист се рефлектира и преку употребата на прогресивна тоналност, антиципирајќи го принципот кој ќе стане типичен за симфониите на Густав Малер, четириесет години подоцна.
Ф. Лист: Концерт за пијано и оркестар бр. 2
Концертот бр. 2 за пијано и оркестар Лист го создал во 1839 година. Првпат бил изведен на 7 јануари 1857 година, во Вајмар, со солистот Ханс вон Бронсарт, под диригентската палка на композиторот. Лист бил еден од најдобрите пијанисти во 19 век. Кога со слушнала како свири, Клара Шуман на својот сопруг Роберт Шуман му рекла дека кога го чула првпат на концерт во Виена, не можела да ги контролира своите емоции. Иако важел за еден од најдобрите пијанисти, Лист е исклучително важен во историјата на музиката и со својот композиторски опус кој го потврдува неговото значење како потентен и револуционерен автор со инвентивен творечки капацитет. Вториот концерт за пијано и оркестар оригинално Лист го насловил „Симфониски концерт“. Иако концертот има хибриден квалитет, Лист за кратко сфатил дека, сепак, е повеќе концерт отколку симфонија. Концертот практично е еден долг став, поделен во неколку секции кои се поврзани преку трансформациите на неколку теми. И во овој концерт Лист продолжува да ги истражува идеите на тематски варијации типични за Концертот бр. 1, иако на многу посуптилен и помистериозен начин, посебно во прогресијата на поврзувањето на ставовите. Помалку е виртуозен и во него Лист се води од идејата за еднаква важност на солистот и оркестарот. Во овој концерт, солистот ја движи музиката од став во став – од нежно ноктурно до импресивното скерцо и драматичното финале, без да го прекине континуитетот. Успехот во формалниот концепт на Лист се темели на беспрекорната тематска метаморфоза. Лирската тема на почетокот се враќа во финалето како победоносен марш. Иако многумина го сметаат овој брилијантен и бучен марш како вулгарно изневерување на оригиналната тема на Лист, тој претставува одлична завршница на концертот, демонстрација на софистицирана уметничка камуфлажа и врвно авторско мајсторство типично за творештвото на овој автентичен композитор.